Број 3377  вторник, 07 септември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Свет

Светот во 12 вести

Бог не е машко, Ета бара мир, камшици во Иран

50 милијарди долари за невработените

Американскиот претседател Барка Обама вчера требаше да го обелодени шестгодишниот план за поправки во инфраструктурата, со првична инвестиција од 50 милијарди долари, што ќе поттикне отворање работни места, изјави официја��ен претставник на Белата куќа.

Обама е обврзан да соработува со Конгресот за целосно финансирање на програмата, која вклучува, исто така, предложена инфраструктурна банка за подигање приватен капитал, изјави официјалното лице. Обама ќе го обелодени ова во Милвоки, додаде официјалниот претставник.

Француски министер ја одложи венчавката

Францускиот министер за имиграција, Ерик Бесон, одлучи да ги помести датумот и местото на своето венчавање со младата Тунижанка Јасмин Торџман, предвидено за 16 септември.

Одлуката за поместување на датумот за склучување на бракот е донесена откако на „Фејсбук“ беа создадени повеќе групи, кои најавуваа дека ќе ја попречат венчавката во една париска општина.

Тој нема намера да користи јавни средства за безбедноста на својата венчавка, што е приватна работа, демантирајќи дека на свеченоста се очекувало и присуство на претседателот Никола Саркози.

Господ веќе не е машко

Новото правило на Шкотската епископална црква, со кое верниците се повикуваат да престанат да го сметаат Господ за машко и да го ословуваат со „тој“, ја разбранува јавноста и предизвика бројни контроверзи.

Со новата одлука, со која зборовите како „Господ, тој, негов, нему“, ќе бидат исфрлени од служба, црковните власти сакаат да им порачаат на верниците дека Бог е над поимувањето на човечкиот род, пишува лондонскиот весник „Дејли телеграф“.

Тие наведуваат дека го одобриле воведувањето на поголем број „поопшти термини што нема да го одредуваат Бог како припадник на машкиот род“. Така, во благословот на крајот на службата, свештениците место „Татко, Син и Светиот дух“, ќе кажуваат „Создавач, спасител и посветител“.

Традиционалистите ги критикуваа овие промени, сметајќи дека тие се воведуваат само за да се задоволи „политичката коректност“, а, всушност, се во спротивност со учењето на Библијата.

Шпанија не и' верува на ЕТА

Шпанија со скепса реагираше на најавата на баскиската сепаратистичка организација ЕТА дека прекинува со вооружената борба. Владата во Мадрид и регионалната влада во Баскија ја оценија најавата на ЕТА како недоволна. Тие упатија барање до сепаратистите да се откажат од насилството засекогаш. Претходно, ЕТА во видеопорака соопшти дека е подготвена за почеток на „демократски процес“ за создавање независна држава Баскија.

ЕТА четири децении се бори за независна Баскија на северот на Шпанија и јужна Франција и и' се префрлува одговорност за убиство на 850 лица. Во март 2006 година ЕТА објави дефинитивно примирје, но уште истата година го прекрши со напад на аеродромот во Мадрид при што беа убиени две лица.

Протести за леб во Мозамбик

Речиси 150 лица се уапсени во Мозамбик како резултат на минатонеделните протести поради астрономските цени на лебот кога беа убиени 10 лица, објави вчера државното радио. Тоа го цитираше портпаролот на полицијата, Јоаким Селемане, велејќи дека полицијата ќе се обиде да ги идентификува предводниците на протестите, кои беа организирани со испраќање СМС-порака и кои зад себе оставија стотици лица повредени. Тој за радиото изјави дека 142 лица „се уапсени поради палење гуми и уништување имот и плус шестмина осомничени за испраќање на СМС-пораки“, за поттикнување протести. Зголемувањето на цената на лебот за 30 проценти предизвика бес во една од најсиромашните земји во светот, но властите соопштија дека се беспомошни пред зголемувањето на цената на пченицата на глобално ниво.

Германија стравува од исламистички напади

Опасноста од исламистички напади во Германија се зголемува со зголемувањето на бројот на лица што се враќаат во земјата од борбените логори по должината на границата меѓу Авганистан и Пакистан, изјави раководителот на германската Федерална криминалистичка агенција, Јoрг Цирке.

„Во Германија живеат повеќе од 400 исламисти од кои некои се обучувани во воени логори во Авганистан“, тврди Цирке за весникот „Тагесшпигел“. Во Германија во моментов се регистрирани 131 лице како потенцијални извршители на напади.

За неверство - 99 камшици

Иранка-вдовица осудена на смрт со каменување поради, наводно, неверство била камшикувана 99 пати откако во весник се појавила фотографија на која таа е без шамија. „Њујорк тајмс“ објави дека Сакине Мохамади Аштијани (43) ја примила казната во затворот каде што се наоѓа, цитирајќи ја изјавата на нејзиниот адвокат Џавид Кијан. Меѓутоа, се додава дека друг адвокат го оспорил образложението.

Информациите дојдоа набргу откако Ватикан соопшти дека ја разгледува можноста да употреби заткулисна дипломатија во обидот да и' се поштеди животот, опишувајќи го каменувањето како особено „брутална“ форма на смртна казна. Весникот „Тајмс“ во Велика Британија во август објави фотографија на жена за која кажа дека е Аштијани и апелираше до Иран да не ја егзекутира.

Адвокатот Кијан, кој вели дека не ја видел Аштијани уште од 11 август, за „Њујорк тајмс“ изјави дека друга жена која била заедно со неговиот клиент „ми кажа дека Аштијани рекла оти добила 99 удари со камшик“ за „непристојност“ по објавувањето на фотографијата. Тој додаде дека казната има ц��л „да влијае врз нејзиното семејство и новинарите што би можеле да известуваат за нејзиниот случај. Тоа е за да се посее страв за тие да не зборуваат и да се замолчат роднините“, изјави Кијан.

Опасна година во Авганистан

Бројката на странски војници убиени во Авганистан годинава достигна до 500, во споредба со 521 загинат за цела 2009 година, според информациите од независната мониторинг-страница објавени вчера и обезбедени од Ројтерс.

ИСАФ соопшти дека еден нивни припадник бил убиен во бунтовнички напад во неделата во источниот дел од земјата. Не открија други детали за настанот.

По бројот на жртви оваа година е најлоша за меѓународните трупи од почетокот на војната во Авганистан во 2001 година.

Нивото на насилство е во пораст и покрај засилувањето од 30.000 американски војници, со што бројот на странски војници е 140.000.

Роми протестираа во Букурешт

Членови на Граѓанската алијанса на Ромите вчера протестираа и извикуваа слогани пред француската амбасада во Букурешт. Речиси 1.000 лица беа вратени во Романија и во Бугарија откако француските власти презедоа остри мерки против криминалот и имиграцијата.

Европската комисија побара од Франција да докаже дека нејзиното протерување на Ромите е во согласност со ЕУ-законите, влегувајќи во дебата за балансирање на внатрешните политики во Унијата со заштитата на правата на маргинализираните групи.

Напад на полициска станица

Бомбаш-самоубиец вчера влета со автомобилот во полициска станица во северозападниот дел на Пакистан, при што загинаа најмалку 19 лица, соопшти полицијата, во новиот бран напади од милитанти поврзани со Ал Каеда и со талибанците. Најновите бомбашки напади му ставија крај на релативното затишје во милитантното насилство во последниов месец, кога се случија најголемите поплави во историјата на Пакистан и го зголемија притисокот врз властите, кои се обидуваат да се справат со кризата.

Минатата недела речиси 100 лица беа убиени во самоубиствени бомбашки напади врз поворки на муслимани од малцинското шиитско население во источниот град Лахоре и од северозападниот град Куета.

Последниот напад се случи во градот Лаки Марвад. Бомбашот удрил во училишно комбе пред да навлезе во задниот ѕид од полициската станица.

Шверцувал змии од Малезија

На еден Малезиец му е изречена шестмесечна затворска казна и парична глоба од 61.000 долари за обид да прошверцува 95 змии надвор од земјата, пресуда за која активистите велат дека е преблага. Ансон Вонг, веќе осудуван за недозволена трговија со диви животни во САД во 2001 година, минатата недела се изјасни за виновен и од 13 септември ќе почне да ја издржува казната.

Австралија денес со нова влада

Австралиската премиерка Џулија Гилард веројатно денес ќе состави нова малцинска влада со поддршка од тројца независни пратеници.

Гилард, која е на чело на Австралиската лабуристичка партија, и лидерот на опозициската Австралиска либерална партија, Тони Абот, се борат да ја добијат поддршката од независните пратеници за состав на нова влада, откако првпат по Втората светска војна ниту една политичка сила не успеа да постигне парламентарно мнозинство по изборите на 21 август.

Независниот пратеник Тони Виндзор изјави дека оваа безизлезна ситуација би требало да заврши денес, но се' уште има ризик од поделби меѓу независните пратеници, што може да доведе до распределба на гласовите во 150-члениот Долен дом на Парламентот.

 


#
Статијата е прочитана 980 пати.

Испрати коментар

Од: sladj
Датум: 07.09.2010 23:20:36
Barka Obama?

Најди! во Утрински
Свет
Лондончани без потписи од Блер
Каде оди Белгија?
Во вселената експресно се старее
Уапсени анархисти во Минск
Ахмадинеџад