Вардар доби нови шпиц и полушпиц
Екснапаѓачот на Силекс, Ступиќ, и Јаковлевски од Македонија Ѓ.П. меѓу црвено-црните
Сашко Ѓ. Димовски
Две нови имиња во Вардар. Раководството на клубот вчера потпиша на една година со младиот Драган Јаковлевски од Македонија Ѓорче Петров и се договори со екснапаѓачот на Силекс, Бошко Ступиќ. Претседателот Бојан Захариев, најави средба и со Ѓорѓи Христов што ја окарактеризира како финална која требаше да ги симне сите дилеми околу неговиот ангажман во најтрофејниот фудбалски колектив во државата. Со Јаковлевски и Ступиќ, и евентуално Христов, првиот човек на вардарци најави крај на потрагата по засилувања во екипата за претстојната сезона. Иако најавуван како можно засилување, Артим Шаќири, сепак, најверојатно ќе го одмине Вардар. Викендот тој отпатува во странство во обид да ја продолжи интернационалната кариера. Евентуалната нова средина на Шаќири, земја и клубот се енигма. Но, ако не успее во мисијата Шаќири можно е да му се приклучи на Вардар на подготовките на Златибор.
„Ги обезбедивме услугите на Јаковлевски. Се работи за млад, но искусен офанзивен фудбалер. Договорена е соработка и со напаѓачот Бошко Ступиќ. Тој е на пат за Македонија, го очекуваме да пристигне во текот на денешниот ден, да потпишеме договор, да го задолжиме со опрема и да го вклучиме во тренинзите на екипата“, ни изјави вардаровиот претседател, Бојан Захариев, кој најавува дека и двајцата ќе бидат во црвено-црниот дрес од првиот ден на подготовките на Златибор.
Претходно на Вардар му пристапија пет фудбалери, Милосављевиќ, Љубисављевиќ, Џангаровски, Јашаревиќ и Ролевски. По завршување на сезона црвено-црните ги напуштија Пачовски, Ѓошевски, Глигоров, Емурлаху, Јанчевски, Б. Ристевски, Б. Марковски и Божиновски. Од ланскиот состав во вардаровата соблекувална останаа Љупчо Кметовски, Дино Најдоски, Марјан Белчев, Александар Пандовски, Марко Костенцовски, Оливер Пеев, Филип Петров, Музафер Ејупи во друштво на еден куп млади фудбалери кои заедно со новодојдените и под водство на тренерот Пане Блажевски ќе треба да влезат во новата сезона во која ќе се обидат да ги остварат најавените клупски амбиции - место во врвот на табелата и конкурен��ност во битката за титулата.
Екипата утре треба да отпатува во Златибор каде ќе се подготвува во наредните две недели како последна помош од досегашниот спонзор на тимот, Трифун Костовски. Таму вардарци ќе одиграат и четири пријателски мечеви со ОФК Београд, Јагодина, Севојно и еден кипарски прволигаш. Ако е потребно на лице место ќе се договори уште некој контролен натпревар со тимови што во тој период ќе бидат гости на Златибор. |