Без Русевски против Белорусија?
Финансиската страна на договорот повторно камен на сопнување со МТФ, Јотовски евентуална замена
Роберт Димитриевски
Предраг Русевски е неизвесен за натпреварот со Белорусија за опстанок во Првата група од Евроафриканската зона на Дејвис купот, кој ќе се одигра од 10 до 12 јули во Минск. Како и повеќе пати претходно, првиот македонски рекет и сега е незадоволен од финансиската страна на договорот со Македонска тениска федерација, но досега барем редовно во последен момент се изнаоѓаше заеднички јазик. Ако не биде така и овој пат, најдобриот македонски тенисер, кој е 729. на АТП-листата во поединечна конкуренција и 622. во двојки, ќе биде заменет од Томислав Јотовски (1864. во сингл).
„Можам само да ви потврдам дека има некои проблеми со Русевски, а дали и дефинитивно нема да игра - ќе видиме“, кусо ни одговори селекторот Дејан Маринковиќ, не сакајќи да навлегува во природата на најновото затегнување на односите на популарниот Пецко со МТФ. Тој во моментов е во Германија, каде што настапува за клуб во тамошната лига и од каде што треба(ше) в недела директно да замине за Минск.
Јотовски, пак, кој дебитира против Летонија во февруари 2008 во салата „Јане Сандански“ во Скопје, од денеска ќе тренира на терените на „Александар палас“ заедно со Илија Мартиноски (887. и 743.). Покрај последниот, за кој дознаваме дека во отсуство на Русевски би бил прв рекет во првиот меѓусебен дуел со Белорусите, сигурни се и Димитар Грабулоски (1033. во сингл) и Лазар Магдинчев (706. во дубл). Ако отпадне Русевски, кој со вкупно 38 победи во Дејвис купот е рекордер меѓу македонските тенисери, тогаш редоследот во пријавата до ИТФ би бил според ранкингот, односно Грабулоски ќе биде втор рекет, Јотовски трет, а Магдинчев дури четврти, велат нашите извори!
По речиси едногодишна пауза од профи-турнирите, Магдинчев неделава учествува на челинџерот „Риека опен“ во Хрватска, кој се игра на земјени терени и за награден фонд од 30.000 евра. Не толку одамна највисоко рангираниот македонски тенисер не успеа во квалификациите во сингл, каде што по успешниот старт во второто коло загуби од осмиот носител Владимир Обрадовиќ (509.) од Србија со 7-6 (5), 6-4. Во двојки, пак, со вајлд-кард ќе игра директно на главниот турнир заедно со Хрватот Иван Церовиќ, а нивни противници на стартот денеска ќе им бидат Никола Мектиќ и Иван Зовко, исто така од Хрватска.
Магдинчев за Минск треба да замине од Германија, каде што претстојниов викенд го очекуваат настапи за клубот. Заедно со него ќе патува и Грабулоски, кој исто така се подготвува во Германија, а од Скопје за Минск в недела, покрај Маринковиќ, Мартиноски и евентуално Јотовски, ќе замине и тренерот Владимир Андонов.
Победникот од мечот со Белорусија и в година ќе игра во Првата група, а поразениот ќе и' гостува на Словачка од 18 до 20 септември во последен обид за опстанок во „втората лига“ на светскиот екипен тенис. |