Фудбалски вести
Лудило во Мадрид - стигна Кака!
Вчера во Мадрид пристигна Бразилецот Кака, кој требаше официјално да биде претставен на вечерашната церемонија на „Сантијаго Бернабе“. Кака, кој во Реал М. ќе го носи дресот со број 5, како големиот Зидан, уште на аеродромот беше пречекан од неколку илјади навивачи, кои во делириум го извикуваа неговото име. „Пресреќен сум, ова за мене е незаборавен ден. Ќе ми остане секогаш во сеќавањето“, изјави кратко 60. милиони евра вредната инвестиција на Реал Мадрид.
Милито официјално во Интер, останува Ибрахимовиќ
Жозе Мурињо е пресреќен. Неговиот напад наредната година ќе го водат најдобрите стрелци во Серија А, Диего Милито (24 гола), кој доаѓа од Џенова и Златан Ибрахимовиќ (25), кој после се останува во Милано. Милито потпиша четиригодишен договор, а вредноста на трансферот е повеќе од 30 милиони евра. Се очекува деновиве да биде официјализирано и доаѓањето на Тиаго Мота, исто така од Џенова.
Младите Германци ја демолираа Англија
Репрезентацијата на Германија до 21 години го освои европското првенство во Шведска, откако во финалето ја уништи Англија со 4:0. Избраниците на Стјуарт Пирс на стартот беа на своето ниво, а потоа имаа несфатлив пад во концентрацијата и лесно и дозволија на Германија кога сака да прави убиствени контри. Тео Волкот беше успешно затворен, а на другата страна многу слободен простор имаше детето на Шалке, а сега член на Вердер, Озил. Тој беше асистент при првиот гол на Кастр во 23 минута, а на стартот на вториот дел и стрелец за 2:0 од слободен удар. Можеше лесно да се променат работите на теренот ако Англичаните во офанзивата од 20 минути ги реализираа своите шанси. Сепак, Андреас Бек два пати ја вадеше топката од гол линијата, пречката го сопре шутот на Катермол, а сето тоа го пресече Вагнер на 11 минути пред крајот и тоа пак по асистенција на Озил. Вагнер и ги докрајчи Англичаните нанесувајќи им го најтешкиот пораз во историјата на селекцијата до 21 година.
Пропадна трансферот на Ето во Сити
Трансферот на Самуел Ето во Манчестер Сити е пред колапс. Наводно, Камерунецот бара од својот сегашен клуб бонус од 15 милиони евра за заминување на Островот. Сити беше подготвен да и плати на Барса 30 милиони евра, а на Ето да му даде дури 200.000 фунти неделна плата.
Претседателот Хуан Лапорта минативе денови изјавуваше дека сака Ето да остане, но не му го продолжи договорот кој завршува наредното лето.
Почина новинарот повреден во несреќата на Купот на конфедерации
Светската фудбалска федерација (ФИФА) објави дека почина еден од четворицата германски новинари, кои доживеаја сообраќајна несреќа за време на Купот на конфедерации. Несреќата, која беше кобна за слободниот новинар Волфганг Јост, се случи на 24 јуни, кога автомобилот со четворицата новинари излета од патот, додека одеа на полуфиналниот меч САД - Шпанија. |