Антикорупциска се раскара за гонењето на Црвенковски
Тројца членови на Комисијата сметале дека во случајот „Надеж“ не е прекршен Законот за јавни набавки
Билјана Јовановска
Случајот „Надеж“ доби експресна завршница во Државната комисија за спречување корупција, која од Јавното обвинителство ќе побара да поднесе иницијатива за поведување постапка за кривично гонење на поранешниот претседател на државата, Бранко Црвенковски, и лица од неговиот кабинет. Антикорупционерите сметаат дека имало законски пропусти во постапката за склучување на договорот на Кабинетот на поранешниот шеф на држава со тројца словенечки експерти за изработка на ПР-стратегија вредна 340.000 евра.
На седницата на Комисијата и' претходела бурна расправа во која за поведување кривична постапка се изјасниле четворица членови, а тројца биле против.
Предметот „Надеж“ деновиве му бил доделен на обработка на Мане Колев, кој по материјалите што пристигнале во петокот, во понеделникот требало да ја почне обработката за да реферира пред Комисијата. Меѓутоа, според Колев, неочекувано, во понеделник предметот „Надеж“ го побарал претседателот на Антокорупциска, Илми Селмани, кој за него и реферирал на седницата на која имало и спротивставени аргументи. Седницата, невообичаено, немала ни пауза, и покрај аргументите на тројца нејзини членови, сепак, со еден глас претежнал ставот дека за експретседателот Црвенковски и за вработените во неговиот кабинет треба да се поведе кривична постапка.
Антикорупциска комисија констатирала дека Црвенковски без спроведување постапка за јавна набавка ангажирал тројца консултанти од Република Словенија, што за тројца членови на Комисијата не бил прифатлив аргумент. „Сметавме дека според член 8 став 6 од Законот за јавни набавки, Црвенковски немал обврска за распишување законска постапка“, вели Колев. За разлика од нив, претседателот Селами бил дециден дека не била почитувана постапката за јавни набавки, што повлекува незаконско и ненаменско трошење средства, а со тоа и злоупотреба на службената положба и овластување.
Мислење на тројца членови на Комисијата било, објаснува Колев, дека
многу брзо се донесе одлука за ваков предмет, бидејќи Комисијата кога имала поделикатни предмети, практикувала да работи само со членовите без присуство на други лица од секретаријатот на Државната комисија, што сега не беше случај. „Предметот ми беше доделен и одземен и предложив да имаме средба со државниот ревизор што го изготвил конечниот финансиски извештај за работењето на експретседателот Црвенковски, но тоа не беше прифатено“, изјави Мане Колев за „Утрински весник“.
Илми Селами вчера само кусо ни изјави: „Државната антикорупциска комисија е колективно тело и така одлучува. Одлуката е донесена со мнозинство и за мене е важно дека Комисијата одлучила, а јас како претседател сум приморан да ја реферирам одлуката пред јавноста без оглед дали таа ми се допаѓа или не. Тоа е одлука на мнозинството. Секоја дискусија по донесувањето на одлуката е излишна, вклучително и од мене како претседател“.
По соопштувањето на заклучокот на Антикорупциска, се огласи СДСМ, нарекувајќи го „Надеж“ таканаречен случај, а заради задржување на транспарентниот начин на работење, во прилог го достави дописот од Кабинетот на експретсседателот Црвенковски доставен до антикорупционерите.
Одлука под притисок
Според Црвенковски, политичката кујна на власта продолжува да прави конструкции. „Јас не знам на каков притисок бил изложен претседателот на Антикорупциска, меѓутоа, од ваквото однесување можам да заклучам дека човекот бил на сериозни маки“, рече Црвенковски. Тој тврди дека станува збор за чист предмет, за чист случај, бидејќи Државниот завод за ревизија, со раководството избрано од времето на Груевски, секоја година доаѓал во кабинетот, ја проверувал документацијата и за овој договор немало никаква забелешка. Нивната оцена била дека се' е според законот и според правните прописи.
Црвенковски апелира до вработените во Обвинителството и до сите оние што ќе бидат вклучени во оваа правна процедура да постапуваат само според законот. |