Тачи и Ахмети ќе се судрат на суд
ДПА ќе тужи високи функционери од ДУИ поради обвинувањата дека опозициската партија од албанскиот блок ги лиферувала во јавноста досиејата „Ибар“, „Мама“ и „Вујко“ . ДПА ќе поднесе две тужби за клевета против членови на раководството на ДУИ и уште една против службено лице во Комисијата за лустрација. Од партијата на Али Ахмети коментираат, пак, дека ако некој треба да поднесе тужби, тоа не е ДПА, туку ДУИ.
За судските процеси што ги најави ДПА вчера, лидерот Мендух Тачи ангажирал тим од неколку адвокати, на чело со поранешниот државен јавен обвинител Стеван Павлески. Адвокатите вчера не ги открија имињата на функционерите против кои деновиве ќе бидат поднесени тужби во Основниот суд Скопје 1, но извори од ДПА велат дека станува збор за лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за вицепремиерот Абдулаким Адеми и за претседателот на Комисијата за лустрација, Томе Аџиев. Истите извори велат дека отштетата што ќе ја добие ДПА во судска процедура ќе биде пренасочена во хуманитарни цели, особено „за семејствата што претрпеле штети од дејствувањето на ДУИ“.
„Една тужба за клевета се однесува на висок функционер на ДУИ, кој во еден македонски медиум изнел груба невистина дека, наводно, господинот Тачи е тој што ги доставил до јавноста познатите досиеја. Се разбира дека тоа не е вистина. Втората тужба ќе биде поднесена против лице, член во Владата за идентични клеветнички изјави“, изјави вчера адвокатот Павлевски. Тој додаде дека третата кривична пријава ќе биде поднесена против службено лице во Комисијата за лустрација поради злоупотреба на службената положба, бидејќи на дневен ред на Комисијата ставил на разгледување и на расправа документација од МВР за период од 1991 до 2009 година. „Тоа е спротивно на Законот за лустрација, затоа што тоа службено лице на документацијата и' дало третман на досие. Сето тоа е на штета на господин Тачи и на ДПА“, објасни Павлевски.
Во ДУИ вчера само кратко коментираа дека ДПА не е во позиција да поднесува тужби. „Ако некој треба да поднесе тужби, тоа е ДУИ. Нашата работна група се' уште работи во насока на прибирање аргументи со кои ќе излеземе со наша тужба“, велат извори од ДУИ. (Св.У.) |