Судиите не даваат да им се чепне во платите
Гордана Дувњак
Непринципиелен обид на судиите на Уставен суд по секоја цена да се идентификуваат со судската власт, иако нивното место е меѓу носителите на избрани јавни функционери и надвор од судската власт. Вака гласи генералниот став на судскиот еснаф, кој побара од Уставен суд да се чујат и нивните аргументи на јавна седница, пред да биде донесена конечна одлука.
Веста дека уставните судии планираат да интервенираат во основиците на платите на третата власт силно ги возбуди делителите на правда, кои, преку своите матични организации во судовите (подружници), реагирале до Здружението на судии на Македонија. Од нивната еснафска организација е побарано писмено да се обрати до Уставен суд и да побара да бидат вклучени во јавната расправа со свои ставови.
Од ЗСМ планираа ваквиот допис да го испратат уште во текот на вчерашниот ден или најдоцна денес. Во него се бара и присуство на претседателот на Здружението на
судиите на Македонија, Николчо Николовски, на јавна седница за да може да ги изнесе нивните аргументи.
На седницата одржана на 22 септември оваа година, прв пат во својата понова историја, Уставен суд реши по сопствена иницијатива да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредби од дури пет закони. Сомневањето се однесува на платите на избрани и именувани функционери, од една страна, и платите на претставниците од судската власт (судии, јавни обвинители, членови на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители), од друга страна. Главен аргумент на уставните судии е дека се прави дискриминација и оти не може од товарот на кризата да биде изземено судството.
Со законските измени направени на 20 јули оваа година се утврдени два различни износа на основицата за пресметување плата на носителите на јавни функции. За избраните и именувани функционери тој изнесува 23.153 денари, а за судството - 25.726 денари, при што се определува овие износи да важат до крајот на 2011 година. Инаку, коефициентите за пресметување на платите во судството се поделени во пет категории, а се движат од 2,8 отсто (кај основните судии) до 3,7 отсто за претседателите на Врховен суд и на Судскиот совет. Или преточено во бројки, просечната нето-плата на основните судии е меѓу 750 и 800 евра, а на оние од највисок ранг - малку над 1.130 евра.
Судиите сметаат дека тоа што Уставен суд се повикува во своето образложение на фактот дека со донесените закони е нарушен системот на плати на носители на јавни функции воспоставен во 90-тите години и во услови на криза, товарот на кризата и рестриктивните мерки треба да го понесат сите - пропорционално и солидарно, е „неиздржана и исконструирана теза“, па дури и мотивирана од лукративни цели. Според нив, ако Уставен суд во своето решение како неспорно го оценува правото на законодавецот да ги регулира платите на судиите и на носителите на избрани и именувани функционери, нејасно е зошто се задира во опсегот на користењето на тоа право, а уште повеќе во поделбата на власта.
Судиите се повикуваат на член 2, став 2 од Законот за платите на судиите донесен во 2007 година, каде што се наведува дека тие се определени со закон и „не може да бидат намалени со закон или одлука на државен орган“. Воедно, се упатува и на ставот во кој се вели дека платите можат да бидат намалени само со утврдена дисциплинска одговорност од Судскиот совет.
Од Здружението на судиите не го спорат правото на Уставен суд да ги штити уставноста и законитоста, но потсетуваат дека судската власт ја вршат судовите и оти не може да се поведе постапка за оцена на закони што се различни во поглед на нивната уставност. Судиите се убедени дека не случајно судиите се извадени од „кошот на избрани и именувани функционери“, бидејќи во сите меѓународни документи (европски конвенции, повелби, препораки) токму се инсистира на тоа судството да добие „повластен статус“, бидејќи се цени дека платите се гаранција за самостојноста и независноста на судиите и на судската власт. (Г.Д.)
Николчо Николовски
Нашите судии со најниски плати
„Приказната за високите плати на македонските судии, што беше пласирана пред десетина дена, а која, наводно, се потпираше на некаков меѓународен извештај, е политизирана и исконструирана од дневно-политички потреби“, тврди претседателот на Здружението на судии на Македонија, врховниот судија Николчо Николовски.
Тој вели дека платите во македонското судство не само што не се повисоки од европскиот просек, туку напротив, се пониски и во однос на примањата на нивните колеги од соседството.
Според Николовски, тоа лесно може да се утврди од компаративната анализа за висината на платите на судиите што е изразена во конвертибилна валута. На Здружението на судии не му е познат изворот на кој се повикуваат медиумите, но се сомневаат во веродостојноста на изнесените податоци, кои, како што велат, не одговараат на фактичката состојба. (Г.Д.)
|