Ќе остарат чекајќи бебе од епрувета
Брачните парови со месеци чекаат Фондот за здравство да одлучи дали имаат право на вештачко оплодување на товар на државата
Јасмина Јовановска
„Чекајќи за бебе од епрувета ќе остариме“. Вака коментираат брачните парови кои со месеци чекаат Фондот за здравствено осигурување да одлучи дали имаат право на вештачко оплодување на товар на државата. Стручната Комисија за биопотпомогнато оплодување ги враќа случаите на повторно разгледување, се жалат кандидатите, со изговор дека медицинската документација е нецелосна и тоа трае со месеци.
„Не' малтретираат со разни документи, кои може да се направат и во болницата каде што би се решиле да се направи вештачкото оплодување. Прашал ли некој колку развлекувањето на постапката е и психичко малтретирање за нас“, укажуваат брачни парови, кои полека губат надеж дека воопшто ќе може да го остварат правото на вештачко оплодување.
Од Фондот за здравствено осигурување, пак, тврдат дека Комисијата работи два пати неделно, како и дека нема застој во разгледување на случаите. Оттаму признаваат дека има предмети што се враќаат за дополнување на медицинската документација, но дека не се случува брачните парови да чекаат со месеци за одговор.
За разлика од Фондот, брачните парови се категорични дека за одговор чекаат најмалку по два месеца, па и повеќе. „Постојано нешто недостасува. Прво ни бараа уште еден спермограм, а потоа рекоа дека недостига уште една инсеменација од овластена здравствена установа. Кога го стокмивме сето тоа, ни побараа и бактериолошка анализа на спермата“, револтирано раскажува една млада жена од Скопје за патешествието што го има со Фондот за здравствено осигурување.
Таа смета дека Фондот врши невидена тортура врз кандидатите, само со цел на крај да се откажат од вештачкото оплодување на државен трошок. „Зошто само не врткаат и шетаат? Зошто не ни кажат уште веднаш за тоа што недостасува наместо секогаш кога ќе се достави нов документ, да бараат уште еден, па уште еден“, прашува жената, која едвај чека да дојде до своето прво чедо.
Друг е проблемот што нема никаква комуникација со Фондот. Велат дека ако е нецелосна документацијата, Фондот веднаш стапува во контакт со кандидатите. „Зар три недели за Фондот е веднаш. И тој одговор дека ни недостасува документ го добивме на наше инсистирање. Речиси на три дена се јавуваме и само ни велат - утре. Пред три недели ги дадовме сите документи и ни рекоа - сега е се' в ред. Но, се' уште нема одговор. Пак, истата приказна - јавете се в понеделник, па јавете се в четврток“, објаснува нервозно младата жена.
Друга кандидатка, која има ист проблем со Фондот, прашува - зар чекањето со месеци е скратување на постапката за правото на вештачко оплодување. И оваа жена вели дека со месеци се расправа со Фондот околу тоа дали и колку им е комплетна медицинската документација, па дури има и апсурдни ситуации. „Сопругот има медицински доказ дека е неплоден. И покрај тоа, Комисијата не ни одобри вештачко оплодување се' додека не направиме и морфологија на сперматозоидите. Какви се овие глупости, дури и гинеколозите се смеат“, укажува 36-годишната жена од Скопје.
Во Фондот за здравствено осигурување се правдаат дека Комисијата заседава два пати во неделата, секој понеделник и четврток. „Комисијата нормално работи и досега се разгледани околу 300 барања. Засега речиси и нема предмет кој е негативно решен. Или се вратени поради нецелосна документација или, пак, се позитивно решени“, ни изјави портпаролот на Фондот за здравствено осигурување, Бранко Аџигогов. Според евиденцијата на Фондот, од август, кога почна новата постапка, досега 85 пара добиле согласност за вештачко оплодување.
Од Фондот и натаму сметаат дека со новата постапка е скратено времето за стекнување на правото на вештачко оплодување. Додаваат и дека повеќе нема дискриминација и селекција, па за вештачко оплодување да се избираат помлади кандидати. „Но, мора да се почитуваат условите, пред се', медицинските и стручните, кои ги бара Комисијата и се дел од правилникот што го донесоа истакнатите стручњаци во земјава кои со години работата на ин витро оплодување“, објаснуваат во Фондот. Оттаму потенцираат дека во стручниот дел на Комисијата не може да се мешаат. Но, доколку брачните парови имаат проблеми со Комисијата и времето кога им се одговорило на барањето, може слободно да поднесат приговор до Фондот.
Во здравствените установи каде што се работи вештачко оплодување избегнуваат јавно да зборуваат каков е сега протокот на кандидати за ин витро оплодување. Оттаму само велат дека на рака може да се избројат кандидатите кои за бебе од епрувета се обратиле со ваучери добиени според новата постапка. (Ј.Ј.)
Фондот во улога на гинеколог?
„Задолжителната медицинска документација што треба да се достави до комисијата за БПО, е обемна што личи како Фондо�� да му ја презел улогата на гинекологот што треба да го прави вештачкото оплодување. Се бараат толку документи, само за да се откажеме“, велат брачните парови. Се бара медицински доказ за интеревенции, како што се лапараскопија и лапаратомија, доказ за машка неплодност со број на сперматозоиди и нивна морфологија. Потоа се бара најмалку два сперматограма со најмалку еден месец разлика меѓу нив, и тоа од две различни установи.
Податоци за неплодност од најмалку три години со четири извршени инсеменеции во овластени здравствени установи. Потоа се бараат хормонски статус, крвна слика, бактериолошки брисеви, тестови за жолтица Б и Ц и за ХИВ, не постари од шест месеци, ПАП-тест не постар од една година и друга документација за стерилитет или друго заболување на еден од брачните парови. |