Со куси ракави во доцна есен
Снежана Калабакова
Убавиот есенски ден со пролетни температури ги натера граѓаните да ги фрлат палтата и да се соблечат по куси ракави. Живата во термометарот вчера во Скопје и во Кавадарци достигна 26 Целзиусови степени. Вчерашното сонце е само најава за убавото и топло време што не' очекува во втората декада од ноември, и покрај повремениот дожд што се најавува и за денеска.
Температурите нема значително да се променат и до 20 ноември ќе се движат околу 20 степени. Убавото време со повисоки температури во доцна есен не е невообичаено, тврдат климатолозите, и додаваат дека на 10 ноември 1990 година на Зајчев Рид во Скопје биле измерени дури максимални 27, 2 степени. На 5 ноември годинава во Скопје максималната температура изнесуваше 21, 4 степени.
„Триесет години последователно, на Зајчев Рид на 10 ноември до 2000 година е измерена највисока температура од 24,6 Целзиусови степени, а во 1990 година на истата мерна станица сме регистрирале 27,2 степени“, вели Пеце Ристевски, државен советник за климатологија и применета метеорологија во УХМР. „Од утре до понеделник, 15 ноември ќе преовладува стабилно, суво и релативно топло време со појава на утринска магла во котлините и во речните долини. Утринските температури ќе опаднат и ќе бидат во интервал од минус 1 до 7 степени, а дневните од 16 до 23 степени“, вели Ленче Ризова, дежурен синоптичар во УХМР. (Сн.К.) |