Тетовката Ѓулер Сулејмани пуштена од притвор
ТЕТОВО - Ѓулер Сулејмани (44) од Тетово по 48-часовен притвор е пуштена да се брани од слобода. Осомничена е за сторено кривично дело тешка кражба за кое кривичната постапка е во тек. Во петокот попладне по барање на застапникот на Основното јавно обвинителство - Тетово, истражен судија од Тетово и' одреди дводневен притвор за да им се овозможи на иследните органи да дојдат до податоци во врска со поведената кривична постапка. По истекот на овој рок, Сулејмани е ослободена од притвор. Ослободени се и Исак Османи (40) од Сенокосе, Гостиварско, и Бесник Ибиши (25) од Групчин, Тетовско, на кои истовремено им беше одреден дводневен притвор. Двајцата се обвинети дека и' помагале на Ѓулер Сулејмани во извршувањето на кривичното дело. Во ОЈО - Тетово вчера ни беше речено дека кривичната пријава на СВР - Тетово против сите тројца учесници била прифатена дека сега се води редовна постапка во која се бараат дополнителни податоци и информации. Ова особено се однесува за прибирање докази според кои од просториите на „Македонија табак“, повеќе познат како Монопол, во претходните шест години насилно и неовластено биле изнесувани предмети, машини и делови од железо и други метали и продавани како отпади. (Г.Е.) |