Гладните затвореници од „Идризово“ на инфузија
Штрајкот во затворот трае веќе осум дена, во Министерството за правда уверуваат дека се' е под контрола
Горан Адамовски
Осми ден од штрајкот во скопскиот затвор „Идризово“. Осудениците тврдат дека ситуацијата се влошува, инфузија спасува дваесетина затвореници дневно, а надлежните уверуваат дека се' е под контрола. Тврдат дека досега само на еден затвореник му била дадена инфузија. Владата одбива да потпише колективна амнестија, па штрајкот ќе продолжи. Затворениците велат дека аболицијата што ја потпишал претседателот Бранко Црвенковски за струмичкиот градоначалник Зоран Заев само ја долеало чашата незадоволство од целокупната слика во најголемиот затвор во земјава.
„Не е само поради Заев. Условите во затворот се катастрофални. Јадењето е ужасно, водата е расипана, пренатрупано е, нема кревет каде да се спие“, вели еден од затворениците со кого вчера контактиравме телефонски. Тој тврди дека ситуацијата во затворот станува драматична.
„Штрајкот трае веќе осум дена, а затворениците и натаму ја одбиваат храната од кујната, а исклучок се само 15-ина луѓе, кои имаат големи здравствени проблеми и мора да јадат. Не е точно дека во ќелиите сме имале складирано пакети со храна. Јадеме само грисини, бисквити, или нешто слично што го добиваме при посетите од нашите блиски. Сите овие денови никој од надлежните институции не дошол да поразговараме и да најдеме решение за проблемот, иако пред штрајкот дојдоа претставници на парламентот. Директорот на затворот воопшто се нема заинтересирано што се случува, а не, пак, да дојде и со свои очи да види. Ситуацијата се влошува, бидејќи дневно по десетина осуденици од машкиот и дваесетина затвореници од женскиот дел завршуваат на инфузија во домската амбуланта, а и неа често ја нема. Стравуваме да не се случи најлошото, но истрајни сме во нашите барања“, вели затвореникот.
Осудениците бараат колективна амнестија и намалување на затворските казни од 30 до 50 проценти, како и почесто практикување на мерката условен отпуст. Се повикуваат на примерот на струмичкиот градоначалник Зоран Заев, кого претседателот Црвенковски го спаси од кривична одговорност. Но, затворениците знаат дека претсе��ателот нема надлежност да потпише колективна амнестија.
„Знаеме дека тоа е во надлежност само на Владата, ама бидејќи слушнавме дека премиерот Груевски немал намера да не' амнестира, тогаш ќе штрајкуваме додека не се премисли“, децидни се затворениците. Тие тврдат дека пред затворот чекаат полициски специјалци, кои се на готовс и чекаат минимална провокација за да влезат во ќелиите.
Во Министерството за правда негираат дека ситуацијата е излезена од контрола. Напротив, уверуваат дека штрајкот се одвива во мирна атмосфера, како што беше и во почетокот. „Само еден затвореник заврши на инфузија и тоа се случи минатата недела. Штрајкот тече мирно“, велат од Министерството.
Директорот на затворот Миле Младеновски вчера не беше достапен за медиумите. Тој пред еден месец излезе во јавноста, презентирајќи ги барањата на затворениците и најавувајќи го штрајкот. |