Пукање во Чегране, се трага по напаѓачот и по повредениот
ГОСТИВАР – Едно лице е повредено во оружен инцидент во гостиварското село Чегране, но полицијата не може да го пронајде ниту ранетиот, ниту, пак, напаѓачот што пукал во него. Гостиварската полиција трага по четириесетгодишниот С.Е. од гостиварското село Чегране, кој е осомничен за кривично дело обид за убиство и го бара неговиот триесетгодишен соселанец Ф.Р., кој бил повреден од огнено оружје. Настанот се случил во неделата околу 16 часот. Според информациите што ги добивме од СВР - Тетово, осомничениот С.Е. со моторно возило пристигнал во непосредна близина на селската џамија, излегол од возилото и со автоматска пушка испукал рафал врз Ф.Р., кој стоел покрај своето возило „голф“ .
Очевидци на овој немил настан, кој ги вознемири жителите, изјавија дека С.Е. веднаш по пукањето влегол во возилото со кое пристигна и се оддалечил во непозната насока. Но, очевидците на настанот не сакале да и' помогнат на истрагата и да и' кажат каде е пренесен повредениот Ф.Р., како и за други детали. Засега не се познати причините и мотивот за инцидентот.
При увидот, биле пронајдени две чаури со калибар 7,62 мм и трага на крв, за која се претпоставува дека е од повредениот Ф.Р.. Од истрелите на автоматската пушка е оштетено и неговото возило. (К.К.) |