Дирекцијата за заштита без документи за имотот
Државните ревизори откриле бројни неправилности во работата на Дирекцијата за заштита и спасување во текот на 2007 година додека на чело на Дирекцијата прво беше Ѓорѓи Трендафиловски, а потоа Коста Јовчевски. Ревизорите утврдиле дека во финансиското работење на Дирекцијата често се случувало да не постојат соодветни документи за исплата на пари, да не се прават планови за заштита, се вработувале лица без соодветна подготвеност и работно искуство. Една од забелешките се однесува и на тоа што Дирекцијата нема документи за возилата што ги поседува, ниту, пак, за недвижниот имот во нејзина сопственост.
Повеќе од вработените биле со договор на дело, а претходно не било побарано одобрение од Министерството за финансии за нови вработувања. За плати на овие вработени во текот на 2007 година Дирекцијата потрошила над 1,6 милион денари.
„Извршените исплати се спротивно на одредбите од Законот за работни односи и Законот за агенциите за привремени вработувања“, стои во ревизорскиот извештај.
Според извештајот, Дирекцијата минатата година добила 24,3 милиони денари од премија за осигурување од пожари. Од тие пари 10 отсто задржува Дирекцијата, а два отсто односно 2,5 милиони денари треба да му бидат префрлени на Противпожарниот сојузот. Но, раководството на Дирекцијата префрлила само 1,8 милиони денари, со што на Сојузот им скратиле 600.000 денари што им припаѓаат.
Една од забелешките на ревизорите се однесува и на тоа што при делбата на Дирекцијата од Министерството за одбрана добила 76 возила, но за повеќе од половина од нив нема документација, по што не може да ги регистрира, ниту, пак, да ги користи. Дирекцијата, исто така, нема и имотни листови за поголем дел од деловните простории, магацините, гаражите и засолништата што и' припаднале по делбата со Министерството.
Ревизорите забележуваат и дека не е изготвена национaлна стратегија за заштита и спасување за период од пет години за што предлог треба да даде Владата. Ревизорите препорачуваат Дирекцијата да побара измени во Законот за заштита и спасување и Дирекцијата да го добие правото да предлага и да изработува национална стратегија. (Ј.К.) |