Не успеаја да се победат себеси
„Фудбалот беше неправеден кон Србија“, коментираше по шокантниот пораз од Австралија (1:2) и елиминацијата од светското првенство селекторот на Србија, Радомир Антиќ.
Тој во целата негова загубеност сам себе си удри шлаканица. „Австралија со измените дојде до свежина и постигна квалитетни голови, додека нашиот императив на победа не' доведе во дилема“. Тогаш логично се поставува прашањето каде беше неговиот одговор на потезите на Вербек, кој му го украде шоуто во вториот дел. Таа „кражба“ не ја одведе Австралија во втората фаза. И таа испадна, но, барем успеа да ја покаже убавината на спортската игра кога во неа нема никакви други калкулации, туку постои само желбата за победа над тој што е пред тебе.
Како и да е, негираше Антиќ дека Србија застана во втори��е 45 минути во кои ги прими двата гола од Кејхил и од Холман. Порача дека не им забележува на играчите кои, според него, дале се до себе.
„Не сум фаталист, покажавме висока спортска култура. Имаме причина и за анализа и за задоволство, се покажа дека нема слаби екипи и дека не победува секогаш подобриот. Мислам дека оставивме добар впечаток. треба да го преспиеме сето ова и да видиме што понатаму“, заклучи Антиќ.
„Овој настап е неспоредливо подобар од оној во Германија пред четири години. Тоа таму беше понижување, а тука растевме од меч во меч“, изјави капитенот Дејан Станковиќ, кој против Австралија не одигра меч за паметење.
„Разговарав со селекторот на Австралија, кој ми кажа што им порачал на своите фудбалери на полувремето: „Ако продолжите вака ќе завршиме со полна мрежа гол��ви. Нема што да загубите тргнете напред“. Од една и пол шанса примивме два гола, но верував во пресврт, посебно по голот на Пантелиќ кога од клупата викаа дека ни е доволен уште еден гол за втората фаза. Во седум осум минути имавме уште неколку шанси, но не ги искористивме“, додаде Станковиќ.
И тој и сите останати фудбалери му забележуваат на судијата кој играњето со рака на Кејхил не го окарактеризира како пенал. Но, Кејхил во таа ситуација беше завртен со грб во скокот, а топката во неговата рака ја прати противничкиот играч. Тоа практично беше таква ситуација кога на судијата не можете да му викате и во случај да го свирне пеналот и во случај да не го досуди.
За разлика од играчите повеќето медиуми во Србија пишуваат дека само самокритиката може да донесе спас.
„Не сме победници! Тоа не значи дека загубивме од Австралија, тоа значи дека немаме победнички менталитет. Раното враќање на мајката Србија не е одраз на незнаење на нашите играчи, нивната недисциплина и недостаток на желбата за борба. Едноставно покажавме дека не се способни за големи дела“, пишува „Курир“.
„Блиц“ е нешто поблаг па пишува исклучиво за спортската несреќа. „Казнети сме за нашите промашувања“.
„Готово е одиме дома. Наместо урнебесно славење и пат во историјата, српските фудбалери веќе утре ќе бидат во Белград. Едноставно не успеаја да се победат себе. Ниту пак заслуживме да одиме на нозете на САД. Фудбалската логика е крајно едноставна: кој не може да ја победи Австралија, тој не е дораснат за осминафинале“, болно го поедностави поразот „Прес“. |