ВЕСТИ ОД СП
Браќата Боатенг настапија еден против друг
Дефанзивецот на германската фудбалска репрезентација, Жером Боатенг, и неговиот полубрат, Кевин-Принс Боатенг, кој игра за Гана, влегоа во историјата на светските првенства како први браќа кои настапија за противнички репрезентации. Во средата вечер тие заиграа во дуелот меѓу Германија и Гана во последното третото коло во групата Д.
За 21годишниот Жером тоа беше шести настап за „Елф“, прв на Мундијалот во Јужна Африка, додека Кевин-Принс (23) дебитира за Гана на ова СП и играше и во претходните два меча во првата фаза на шампионатот.
Двајцата играа за младата германска селекција, но Кевин-Принс во 2009 година беше отстранет поради недисциплина и доцнење на тренинг. Истата сезона ја прифати поканата на Гана, а дозвола за настап за африканскиот тим, од Меѓународната фудбалска асоцијација, доби во мај оваа година.
Кевин-Принс е роден во 1987 година во врската меѓу неговиот татко и Германката Кристине. Две години подоцна неговите родители се разделија, татко му запозна нова жена (Нина) и со неа го доби Жером. Кевин-Принс кариерата ја започна во Рајникендорфер Фухсе, потоа играше и за Херта, Тотенхем, Борусија Дортмунд, а од 2009 година е член на Портсмут. Жером, пак, почна да тренира во Тенис Борусија од Берлин за подоцна и тој да се пресели во Херта. Во последните три години беше фудбалер на Хамбургер, од наредната ќе го носи дресот на англискиот премиерлигаш, Манчестер Сити.
Руни, Керик и Ленон неизвесни за Германија
Тројца англиски репрезентативци меѓу кои и Вејн Руни имаат проблеми со повреди и затоа нивниот настап во осминафиналето на СП против Германија, во недела во Блумфонтејн (16 ч.), е неизвесен. Другите двајца се Арон Ленон и Мајкл Карик. Сите тројца се жалат на болки во глуждот. Руни излезе од игра во 70 минута во последниот меч од третото коло во групата Ц против Словенија.
„Го повлеков од игра бидејќи неговиот глужд не изгледаше добро. Мора со лекарите да ја провериме неговата состојба. Не сум загрижен. Мислам дека до недела ќе биде подготвен за игра“, порача англискиот селектор, Фабио Капело.
Лорис, Сања и Гуркуф речиси се степаа со соиграчите
Брамажата на француската фудбалска репрезентација на Светското првенство во Јужна Африка заврши. Но, се' уште се влечат последиците од случувањата во нивниот камп. Во јавноста излезе податок дека Иго Лорис, Барари Сања и Јоан Гуркуф беа против бојкотирање на тренинг и дека за малку и физички ќе се пресметаа со повозрасните колеги во тимот. Веста ја објави францускиот портал „Le Neuvel Observateur“. Рибери, Абидал и Евра, на крајот, сепак, ги натераа и тие да штрајкуваат, додека „France Football“ тврди дека „постоела опасност ситуацијата да ескалира во тепачка“. Сето тоа е само уште една дамка на, и така, лошата француска мундијалска приказна.
Денеска на СП
Група Г
Португалија - Бразил (стадион: „Дурбан“ во Дурбан, 16 ч.),
Северна Кореја - Брегот на Слоновата Коска (стадион: „Мбомбела“ во Нелспруит, 16 ч.).
Група Х
Чиле - Шпанија (стадион: „Лофтус Версфелд“ во Преторија, 20,30 ч.), Швајцарија - Хондурас (стадион: „Фри стејт“ во Блумфонтејн, 20,30 ч.) |