Број 3316  петок, 25 јуни 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Магазин

Site Meter
Спорт

Изнер и Маху го оставија светот без збор

Американецот и Французинот на Вимблдон ги поместија границите на издржливоста со најдолгиот тениски меч во историјата

Роберт Димитриевски

Кога пред 41 година го снимил својот култен филм „И коњите ги убиваат, зарем не?“, американскиот режисер Сидни Полак не ни можел да претпостави дека четири децении подоцна неговото остварување ќе биде првата асоцијација за тенискиот меч што ги остави сите без збор. Неговиот сонародник Џон Изнер и Французинот Никола Маху ги поместија границите на човечката издржливост, играјќи го цели три дена меѓусебниот дуел од првото коло на Вимблдон, во кој соборија еден куп рекорди. Досега невидената демонстрација на коњски нерви, на магарешки инает и на сизифовска упорност кулминира прексиноќа, кога паѓањето на мракот го натера супервизорот Серен Фримел да го прекине мечот на теренот број 18 при резултат 4-6, 6-3, 7-6 (7), 6-7 (3), 59-59, одложувајќи ја драмата за вчера попладне!

„Вакво нешто нема да се случи никогаш повторно. Никогаш“, рече по прекинот Изнер, кој одвај стоеше на нозе. Маху, кој во последното коло од квалификациите го победи Британецот Алекс Богдановиќ со 3-6, 6-3, 24-22 (!), нешто пред тоа на Фримел му кажа: „Сакам да продолжиме, но повеќе не го гледам топчето“.

Би-Би-Си го прекина телевизискиот пренос од мечот на Централниот терен меѓу шесткратниот победник и прв носител Роже Федерер и Србинот Илија Бозољац, префрлувајќи се на теренот оддалечен 200 м, на кој 800 гледачи на малите трибини и уште толку на околните тревници беа сведоци на незапаметениот настан во тениската историја.

„Излегов на теренот при 11-11 во петтиот сет, сега сум надвор, а тие се' уште играат“, не можеше да се изначуди Швајцарецот. „Ова е апсолутно неверојатно. Во исто време и сакам и не сакам да сум на нивно место. Како ли само се чувствуваат нивните тела? Се надевам дека на крајот некој ќе победи“.

Новак Ѓоковиќ не можеше да го оддели погледот од екранот додека одговараше на прашањата по мечот со Тејлор Дент, кој го доби во три сета.

„Неверојатно. Заслужуваат посебна награда. Обајцата се победници. Можеби треба да се договорат да одиграат тај-брејк ако стигнат до 50-50“, препорача Србинот. Тие, пак, не само што не го послушаа, туку и продолжија со маратонот, многу подолг од вкупното време од околу седум часа колку што и' требаше на Серена Вилијамс за да го освои трофејот на Вимблдон минатата година.

„При таков резултат повеќе не е во прашање физичката издржливост, туку менталната сила да се продолжи“, коментира Ник Болетиери, од чија тениска академија на Флорида излегоа многу таленти. „Двајцата се свесни дека се главни актери во историски настан, па никој не сака да биде запишан како губитник, иако обајцата се победници“.

„Сериозно, зарем никому не му се мокри? Вклучувајќи го и судијата на стол“, праша Енди Родик на својата страница на Твитер. Природата си го стори своето, Изнер и Маху при 58-58 во петтиот сет заминаа до тоалетот, се вратија, одиграа уште два гема и во 21,10 ч. по локално време супервизорот на турнирот реши привремено да им ги скрати маките.

Исцрпувачката битка меѓу 23. носител од САД и 148. тенисер на АТП-листата со своите 10 часа ефективна игра го надмина досегашниот рекорд од 6 часа и 33 минути, колку што траеше француската пресметка од првото коло на Ролан Гарос 2004, во која Фабрис Санторо го совлада Арно Клеман со 6-4, 6-3, 6-7, 3-6, 16-14. Најдолгиот претходен сингл-меч на Вимблдон, пак, го одиграа Американците Грег Холмс и Тод Витскен во 1989 година и траеше 5 часа и 28 минути.

Ајзнер и Махут одиграа 163 гема, со што го натфрлија претходниот рекорд од 122 игри во мечот во двојки меѓу Стен Смит и Ерик ван Дилен од САД против Патрисио Корнехо и Хаиме Филјол од Чиле во Дејвис купот 1973. Во сингл, пак, досега најмногу гемови (112) одиграа Панчо Гонзалез и Чарли Пасарел (22-24, 1-6, 16-14, 6-3, 11-9) на Вимблдон 1969.

Петтиот сет, кој траеше 7 часа и 6 минути, го натфрли претходниот рекорд на најдолг решавачки сет на гренд-слем од 21-19 во мечот на Австралија опен 2003, кога Енди Родик го победи Мароканецот Јунес ел Ајнуи со 4-6, 7-6, 4-6, 6-4, 21-19. Најдолгиот сет воопшто на гренд-слем турнир досега беше четвртиот во мечот на Ју-Ес опен 1969 во кој Џон Њукомб славеше против Марти Рајсен со 4-6, 6-3, 6-4, 25-23.

Конечно, Изнер и Маху поставија и нов светски рекорд по вкупниот број на отсервирани асови (193), при што Американецот со 98 аса го остави зад себе Хрватот Иво Карловиќ, кој имаше 78 во дуелот со Чехот Радек Штепанек во рамките на Дејвис купот 2009.

Покрај по долготрајноста, мечот ќе се памети и по зачудувачки квалитетниот тенис, и покрај кошаркарскиот резултат во петтиот сет. Откако Маху спаси меч-топка со ас при 9-10, неговиот противник од Флорида се најде уште еднаш на работ на победата, кога имаше две меч-топки на сервис на Французинот при 33-32, но Маху се извлече со убав волеј и со сервис-винер. По овациите што ги добија двајцата на 50-50, Маху имаше две можности за брејк во следниот гем - првата од нив прва за него за да му го одземе сервисот на Изнер по првиот гем од вториот сет, но Американецот сервираше безмилосно и шансата отиде неврат.

Во последниот гем пред прекинот, при 59-58, Маху со својот 94. ас спаси уште една меч-топка, четврта за Изнер.

Резултати од второто коло, мажи: Мари (4., В. Британија) - Ниеминен (Финска) 6-3, 6-4, 6-2; Истомин (Узбекистан) - Шитлер (Германија) 6-3, 7-6 (5), 4-6, 4-6, 6-1; Брандс (Германија) - Давиденко (7., Русија) 1-6, 7-6 (5), 7-6 (8), 6-1; Клеман (Франција) - Лучак (Австралија) 6-7 (4), 6-3, 6-3, 6-4; Федерер (1., Швајцарија) - Бозољац (Србија) 6-3, 6-7 (4), 6-4, 7-6 (5); Монтањес (28., Шпанија) - Еванс (САД) 3-6, 6-3, 6-7 (5), 6-1, 6-4; Ханеску (31., Романија) - Илхан (Турција) 6-4, 6-4, 3-6, 6-3; Ѓоковиќ (3., Србија) - Дент (САД) 7-6 (5), 6-1, 6-4; Бердих (12., Чешка) - Бекер (Германија) 7-5, 6-3, 6-4; Колшрајбер (29., Германија) - Габашвили (Русија) 7-6 (6), 5-7, 2-6, 7-6 (5), 9-7; Монфис (21., Франција) - Бек (Словачка) 6-4, 6-4, 6-7 (4), 6-4; Лопез (22., Шпанија) - Беранкис (Литванија) 7-5, 4-6, 6-3, 6-4; Хјуит (15., Австралија) - Королев (Казахстан) 6-4, 6-4, 3-0 предадено; Родик (5., САД) - Јодра (Франција) 4-6, 6-4, 6-1, 7-6 (2); Мелцер (16., Австрија) - Троицки (Србија) 6-7 (5), 4-6, 6-3, 7-6 (6), 6-3; Маер (Германија) - Фиш (САД) 6-7 (2), 6-3, 6-4, 6-4; Лу (Тајван) - Присјежни (Полска) 6-4, 7-6 (7), 6-3 итн.

Жени, второ коло: Шарапова (16., Русија) - Олару (Романија) 6-1, 6-4; Азаренка (14., Белорусија) - Јовановски (Србија) 6-1, 6-4; Пенета (10., Италија) - Никулеску (Романија) 6-1, 6-1; Квитова (Чешка) - Женг (23., Кина) 6-4, 2-6, 6-2; Канепи (Естонија) - Галовиц (Романија) 6-4, 7-5; Радванска (7., Полска) - Бријанти (Италија) 6-2, 6-0 итн.


#
Статијата е прочитана 2753 пати.

Испрати коментар

Од: Nevidena istorija vo eden den, Rubin
Датум: 25.06.2010 07:18:56
Sekoja cest Utrinski, samo vie mozete da odbelezete vakkvi nastani. Namesto da ne glatite so nedovetni izjavi na Biciklisticki i na ofarbaniot Marjanco Nikolov, vie se resivte da napisete za istoriski nastan i zasluzuvate pofalbi. Vcerasniot den na Wimbledon e istoriski za tenisot, se soborija ogromen broj rekordi sto tesko deka nekoj ke gi postavi vo idnina. Vcera imase uste edna istorija na Svetskoto vo Juzna Afrika-prv pat branitelot na titulata e eliminiran uste vo grupata!Modelite od Italija zagubija od Slovacka i primija golovi od Robert Vittek koj vo Nürnberg igrase za Döner i Jogurt, a sega vo Turcija igra za 1/4tina so meso! Sekoja cest na Slovacite, a i na Japoncite, Na kraj, se raduvaat site Slovaci i Japanci-i Kladilnicite vo Makedonija! Retki se vakvkite denovi vo istorijata na sportot, dobro e sto postoi Utrinski da gi odbelezi.Bravo decki, sekoja cest. Denes mnogu ke se izgorat na Spanija-pazete na Chileancite, Swiss e sigurna 100%. Isner i Mahut,vie ste istorija!
Од: Do Pticata :)
Датум: 25.06.2010 10:52:22
Rubine, ne e prv sampion so e eliminiran uste vo grupite. Toa im se sluci uste vo 2002 na francuzite...
Од: se slozuvam
Датум: 25.06.2010 15:47:50
rubinco, slabo pratis sport izgleda. kaza eden kup glupsti vo dve recenici. Francija vo 2002 godina go sokirase svetot uste vo natprevarot so Senegal.

Најди! во Утрински
Спорт
Србија не е свесна што загуби
Германија оди на Англија, Африка ја слави Гана
Словенците во очај
Не успеаја да се победат себеси
Браќата Боатенг настапија еден против друг
Кралицата го посети Вимблдон
Русевски поразен во Белград
Ким Јонг Ил виновен за поразот од Португалија со 7