Германија оди на Англија, Африка ја слави Гана
Наум Котевски
Меч полн со темпо, акции од двете страни и одлични шанси одиграа Германија и Гана. Германците со атрактивниот гол на Озил во 60 минути победија со 1:0 и изборија осминафинале со Англија, а во нокаут-фазата поради подобрата гол разлика пред Австралија оди и Гана. Тоа е репрезентацијата што ја одбрани честа на африканскиот континент. Доколку не се пласираше Гана, за прв пат по 1982 година, африканскиот фудбал ќе останеше без осминафинале (Брегот Слоновата Коска во групата Г има само бод, а Камерун во групата Е ниту еден).
Завчерашниот натпревар, кој заслужува чиста петка, особено првите 45 минути, веќе е зад двете репрезентации. Сега погледите се кон осминафиналето.
Германија во однос на Англија досега игра неспоредливо пок��нстантно. Во сите три меча Германците беа на ниво, дури и во поразот со Србија. Англија, пак, има огромни проблеми. „Денес половина свет се тресеше кога Англија играше со малата Словенија“, овие зборови на селекторот на Словенија Матијаж Кек кажуваат се'.
Сепак, на крајот како спасители на Дон Фабио се покажаа Милнер и Дефо. Имено, додека во Англија се подготвуваше гилотина за „најсмешниот тим во историјата“ Дефо го даде клучниот гол за втора шанса. Милнер, пак, ја даде потребната ширина по крилната позиција, каде својата шанса не ја искористија Арон Ленон и Шон Рајт Филипс. Ако на тоа се додаде добриот Џерар, пожртвуваниот Тери и Франк Лампард, јасно е зошто Капело вика дека го нашол вистинскиот тим.
Но, проблем му е Руни. Тој во ниту една негова досегашна комбинација не се снајде. „Уличниот борец“ нема ниту една допирна точка со оној Руни кој навикнавме изминатава сезона да го гледаме во Манчестер јунајтед. Ги дробеше Рину одбраните на противниците, а сега е тотално надвор од ритам. А, така нервозен и нестрплив е опасност за целиот тим.
Селекторот на Германија Јоаким Лев предупреди дека Руни сега засега не е во својата препознатлива форма, „но тој е таков тип на играч кој во секој момент може да експлодира“.
„Англија е тивка досега. Ја нема покажано својата сила. Но, ако добро погледнете ќе видите дека немаат направено грешка. Екстремно опасен тим“, посочи Лев.
Германската фудбалска легенда Франц Бекенабуер кажа дека Англичаните се заморени и дека токму таму ја гледа шансата за Елф.
„Јасно се гледа дека немаат сила. Играчите од Премиерлигата имаа многу повеќе натпревари од оние во Бундеслигата. Тоа е мојот впечаток од досегашните натпревари. Нашите фудбалери се во подобра физичка кондиција“, смета Бекенбауер.
Последниот дуел меѓу овие две репрезентации беше во полуфиналето на светското првенство 1990 година. Поточно тоа беше полуфиналниот меч меѓу Западна Германија и Англија, во кој Германците славеа на пенали. |