Социјален работник и поштар украле 120.000 евра од социјална помош
Социјалниот работник „местел“ лажни корисници на социјална помош
Јулијана Кимовска
Вработен во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи и поштар од „Македонски пошти“ во изминатите седум години проневериле 120.000 евра, преку добро разработен систем за префрлање пари на измислени семејства-корисници на социјална помош.
Измамата се одвивала на тој начин што вработениот во Центарот измислил 100 семејства за кои пополнил барања со фиктивни податоци и адреси во скопската населба Кисела Вода, а потоа одобрил исплата на социјална помош. Парите ги зел поштарот што разнесувал пошта во населбата Кисела Вода каде што биле и адресите на фиктивните корисници на помошта. Двајцата се приведени вчера и добија кривични пријави за повеќе кривични дела. Полицијата го открила случајот кога одговорните во Центарот за социјални работи ги забележале малверзациите што ги правел нивниот колега.
Триесет и деветгодишниот Е.М., административен техничар во Одделението за социјална работа за Кисела Вода, и поштарот Ќ.С. (45) се пријавени за измама во службата, фалсификување исправа и помагање.
Социјалниот работник во изминатите седум години правел барање за социјална помош за 100 измислени лица во кои внесувал лажни матични броеви и адреси, а потоа за да дојде до пари ги одобрувал барањата.
„Тој изготвувал списоци на корисници и вирмани, односно уплатница за исплата, при што дополнително ги внесувал фиктивните корисници, користејќи измислени матични броеви.
Списоци и вирмани од Министерството за финансии преку Министерството за труд и социјална политика вкупната сума на пари за месечна исплата на корисниците на социјална помош била префрлена во Поштенска банка“, информираат од МВР.
Парите од банката ги земал поштарот кој бил задолжен за носење пошта на улицата „Сава Ковачевиќ“ во населбата Кисела Вода каде што и биле адресите на измислените семејства.
Откако поштарот ќе ги зел парите, кои за овие седум години достигнале цифра до 120.000 евра, двајцата си ги делеле. |