Кумановскиот суд да ги отстрани недостатоците во работењето
По направената контрола на работењето на кумановскиот суд, државниот ревизор и во најновиот извештај констатира дека нема напредок во спроведувањето на нивните препораки. Од 15-те доставени укажувања, одговорните во оваа институција отстраниле само четири, оние што се однесуваат на пополнување слободни работни места и на начинот на исплаќање на вештачењата. И натаму остануваат забелешките за неводењето материјална евиденција на основните средства, неизвршен попис на средствата, невоведување посебно информатичко одделение... „Работите почнаа да се поправаат и сите недостатоци ќе бидат отстранети во најскоро време“, потенцира новата в.д. претседателка на кумановскиот Основен суд Ленка Бабамовска, која вели дека на оваа функција е од 29 мај. Таа вели дека за време на последната посета на ревизорите им било кажано дека веднаш ќе почнат со исполнување на препораките. (Г.Д.)