„Макпетрол“ ќе го даде на Уставен суд Законот за експропријација
Ќе се преиспитува дали државата смее да експроприра приватни објекти ако оцени дека се од национален интерес
Нина Нинеска-Фиданоска
Уште неприменети, спорните закони кои неодамна ги изгласа Собранието, а чиј главен „грев“ е што засегаат во приватната сопственост, која по правило е света во секоја пазарна држава, веќе се оспоруваат од засегнатите страни пред сите правни инстанции.
Според сознанија на „Утрински весник“, нафтената компанија „Макпетрол“ ќе го даде на Уставен судот спорниот Закон за експропријација, кој од вчера стапи во сила. „Утрински“ од неофицијални извори во компанијата дознава дека „Макпетрол“ ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за испитување на уставноста и законитоста на Законот за експропријација.
Главната забелешка на Законот за експропријација е можноста државата да може да присвојува и приватен имот, доколку оцени дека „тој е од национален интерес“. Со него е предвидено државата да може присилно да експроприра, односно да одземе имотот на секој што се занимава со пренос на струја или на природен гас, ако го прогласи за државен интерес. Тоа значи дека државата во иднина ќе може да стави рака врз значајни енергетски капацитети или гасоводи, без разлика што ги поседуваат приватни сопственици. Токму оваа крајно нелогична можност беше главната причина што тој беше проследен со многу контроверзии и несогласувања уште пред неговото донесување, почнувајќи од целата експертска јавност, невладиниот сектор, па се' до претседателот Бранко Црвенковски, кој првично одби да го потпише указот на овој закон. Затоа пратениците од мнозинството дури трипати го гласаа, по што тој од вчера, и покрај сиот отпор, веќе стапи во сила.
Попрецизно, со Законот за експропријација властите во земјава ќе можат да го присвојат и гасоводот, за кој е познато дека со години наназад се води судска битка меѓу државата и „Макпетрол“ за докажување на неговата сопственичка структура. Имено, нафтената компанија по судски пат се обидува да докаже дека таа е доминантниот сопственик на овој капитален објект, а додека, пак државата, го тврди спротивното. Во меѓувреме, акционерското друштво „ГА-МА“, кое пола-пола е во сопственост на „Макпетрол“ и на државата, стопанисува со овој објект, а двете страни преку ова друштво заеднички управуваат со гасоводот и ја делат добивката од неговото работење. Но, во меѓувреме продолжува да тече и судскиот спор. Неофицијалните информации се дека нафтената компанија сака што побргу да дојде до судска разврска, но тоа никако да се случи. Сега, неофицијални извори стравуваат дека со овој закон на државата максимално и' се олеснува патот до гасоводот.
„Макптерол“ ��еќе ги има информирано сите релевантни меѓународни институции кои се надлежни за оваа проблематика за можните последици од примената на Законот за експропријација.
Неодамна народните избраници по трет пат му дадоа виза на Законот за експропријација. Опозицијата, во третата прилика кога имаше шанси да зборува, жестоко критикуваше дека новиот Закон е направен набрзина, спротивно на европските примери и со скриени намери. „Ние ќе бидеме единствената држава во Европа која по многу години либерализам, одлучува да воведе можност за експропријација“, изјави на тогашната собраниска седница, Јани Макрадули од СДСМ. Ристо Пенов од ЛДП, пак, коментираше дека „јасен е мотивот дека Владата сака да ги притисне фирмите да работат согласно со владејачките интереси“, како и дека „почнува процес на ограничување на приватната сопственост, која е темел на секоја демократска држава“. Експремиерот Владо Бучковски посочи дека со овој закон би се поставила пречка за влез на странските инвестиции во земјава.
Претходно се огласија и експерти. Според нив, овој закон може да доведе до тешки последици карактеристични за некои непопуларни режими од Јужна Америка, кои извршија национализација на енергетски објекти.
Сличен став имаше и невладиниот сектор. „Транспарентност Македонија“ реагираше дека „со законите за експропријација и за енергетика се врши крупна идеолошка интервенција во демократскиот модел во Република Македонија и се остава многу простор за криминал и корупција“. Според Сашо Орданоски, „само Хуго Чавез или партизаните во 1945 година носеле одлуки за експропријација експресно и без никаква процедура“, изјави Орданоски, додавајќи дека носењето на овој закон е своевиден државен удар во правната легислатива.
Сега и уставните судии ќе имаат прилика да го кажат својот став за Законот за експропријација. Нивниот збор ќе биде пресуден. Доколку тој не е во полза на Владата, која прилично самоуверено го истурка законот, останува да се види какви би биле нејзините реакции во тој случај.
Вчера стапи во сила и Законот за енергетика, за кој ЕВН најави дека ќе ги искористи сите законски можности за оспорување на одредени членови.
|