Каргов се двоуми, а од Трајковски ни збор за екстра-функцијата
Нема кој да пресече дали изборот е легитимен. Експертите укажуваат на кршење на законот
Деспина Трајковска
Неизвесно е дали и кога новоименуваните претседатели на управните одбори на градски претпријатија, првиот даночник Горан Трајковски, цариникот Ванчо Каргов и директорот на владината Служба за општи и заеднички работи, Васил Доневски, ќе почнат да ја вршат функцијата. Доневски за да ја осигура дополнителната фотелја чека да добие официјален документ, Каргов сака да се утврди дали со паралелно вршење на двете функции тој нема да го прекрши законот, додека пак од првиот даночник во државава вчера немаше ни збор во врска за новиот екстра-ангажман што му е доверен. Сепак, за да седнат сите тројца во фотелјите, првенствено одлуката за изборот на новите тимови во управните одбори треба да биде објавена во „Службен гласник“ на Град Скопје. Но, можно е тоа да не се случи, бидејќи градоначалникот Трифун Костовски најави дека ќе направи се' што е во негова моќ да го поништи изборот, оти за него тој е нелигитимен. Костовски, кој поради службено патување во Рим не беше присутен на седницата на која се изгласа одлуката, за една телевизија најави дека ќе го блокира нејзиното објавување во „Службен гласник“, со што ќе спречи таа да стане правосилна. Од кабинетот на градоначалникот во негово отсуство вчера не сакаа да коментираат дали веднаш е преземен некој механизам за да се реализира неговата идеја.
Антикорупциската комисија, пак, која е најповикана да пресече дали со именувањето на владините луѓе на чело на управните одбори на јавните претпријатија „Комунална хигиена“, „Водовод и канализација“ и ЈСП тие ќе предизвикаат неспоивост на функциите и конфликт на интереси, се' уште нема никаков став. Дали Комисијата ќе поведе постапка ќе се знае дури идната недела, бидејќи целиот тим што одлучува е на колективен одмор.
Според Ирена Мишева, претседател на Советот на Град Скопје, кој е основач на ЈП и има право да именува и разрешува претседатели и членови на управните одбори, изборот на тројцата функционери е законски. Таа се повикува на член 22 став 4 од Законот за спречување корупција, кој вели дека избран или назначен функционер или службено лице да не може истовремено да врши функција на одговорно лице или член на орган на управување во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице, кое располага со државен капитал. Во случајов, потенцира Мишева, градските јавни претпријатија не располагаат со државен капитал и затоа изборот е дозволен.
Истото го смета и директорот на владината Служба за општи и заеднички работи, Доневски, кој, сепак, не сака многу да коментира за случајот, оти воопшто до вчера претпладне, ка��о што тврди, не добил никаков официјален документ за неговото именување на чело на УО во ЈСП „Скопје“. Ништо официјално нема добиено ниту првиот цариник во државава, но и покрај с, додава дека се' уште не е сигурен дали ќе ја преземе доверената функција.
„Немам одлучено што ќе правам, ниту пак имам добиено некакво официјално известување. Како и да е, првенствено сакам да видам дали целата постапка е во согласност со законот“, изјави вчера Каргов, кој е избран да раководи со Управниот одбор во комуналното претпријатие „Комунална хигиена“. Инаку, и Каргов и Доневски се убедени дека имаат капацитет и познавање да раководат со новите функции, оти, како што велат, со години практично вршат идентична, менаџерска работа на постојните раководни места. Од даночникот Трајковски, ниту пак од неговиот кабинет вчера немаше никаков коментар за неговиот избор за раководно лице на УО во „Водовод“.
Според Законот за спречување корупција, именуван функционер за време траењето на неговиот мандат не може да врши друга функција. Во став 4 од членот 21 се вели дека избран или именуван функционер или службено лице не може истовремено да врши функција на одговорно лице или член на орган на управување во јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал. Во законот се додава дека во случај на избор или именување му престанува поранешната функција.
Инаку, предупредување дека законите се прекршени укажуваат и експертите. Универзитетскиот професор по управно право, Борче Давитковски, смета дека во случајов законот е максимално прекршен. Според него, невозможно е владините луѓе да бидат неутрални во решавањето на проблемите и работењето на градските претпријатија.
Ист став имаат и од ЛДП, кои вчера укажаа дека случајот е само уште еден доказ за намерата на Владата да ја блокира работата на Костовски и неговиот тим.
„Ова ја прелеа чашата на сите случувања деновиве“, прокоментира Владо Петрушевски, член на Советот на Град Скопје. Тој посочи дека покрај познатите тројца владини луѓе именувани да раководат со управните одбори на три ЈП, високи функции во одборите им се доверени и на уште четворица градски советници од редовите на владејачката коалиција, што е доказ дека Владата врши директен мониторинг и класичен упад во работењето на градските претпријатија, односно линч на Градот Скопје.
|