Русија и Катар ги добија светските првенства во 2018 и 2022
Русија ќе биде домаќин на Светското фудбалско првенство во 2018 година, Катар ја доби честа да го организира мундијалот во 2002 година. Ваков е епилогот од вчерашното гласање на 22 члениот Извршен одбор на Светската фудбалска асоцијација (ФИФА) во Цирих, Швајцарија, а резултатите ги објави првиот човек на организацијата, Сеп Блатер, нешто по 16 часот.
„Одиме во нови земји. Светскиот куп никогаш досега не бил во Русија и Источна Европа ниту пак на Средниот Исток и Арапските земји, региони кои долго време го очекуваа овој момент“, изјави Блатер.
Русите ја добија битката за СП 2018. Против себе ја имаа самостојната кандидатура на Англија и заедничките на Холандија и Белгија и Шпанија и Португалија. Извори на Би-Би-Си тврдат дека Англичаните останаа покуси за задоволството да им посакаат добредојде на најголемите фудбалски имиња во 2018 година по приказната за корупција внатре во ФИФА што телевизиската куќа ја емитуваше во својата прорама „Панорама“. Според неофицијални информации Англичаните биле елиминирани уште во првиот круг при вчерашното гласање во Цирих.
Катар, пак, изненадувачки ја доби довербата на ФИФА да биде организатор на СП 2022 година и покрај големите горештини што владеат во земјата во тој период од годината. Наспроти Катар, настанот го посакуваат уште четири држави кои аплицираа самостојно - Австралија, Јужна Кореја, Јапонија и САД.
|