Европа се смрзнува, а ние со куси ракави
И наредната недела ќе биде топло
Снежана Калабакова
Додека судот коси во северниот дел на Европа, во Македонија во декември царуваат вистински пролетни температури. Во Грција и на Кипар температурите се речиси како во лето, а некои дури и се капат во морето.
Од студеното време во Европа починаа 15 лица, од кои осум во Полска, петмина во земјите на централна Европа и двајца во Велика Британија. Дури и вообичаено топлите Шпанија и Португалија се покриени со снег, додека кај нас вчера некои се шетаа со куси ракави.
Живата во термометрите во голем дел од градовите во Македонија се движеше околу 20 степен, а во Полска се спушти 20 степени под нулата. Во некои од северните делови на оваа земја беа измерени дури минус 33 степени, што е за цели десет степени подолу од температурата во студената Москва. Ниските температури и снежните врнежи ја зафатија и Чешка. Снежното невреме го наруши аеродромскиот сообраќај, но и патниот и железничкиот од цела Европа поради што многу возови доцнат. Откажани се стотици летови од аеродромите во Британија, Франција, Германија и во Швајцарија. Француското цивилно воздухопловство во очекување на нови проблеми со времето побарало од авиопревозниците да откажат 25 проценти од летовите од парискиот аеродром „Шарл де Гол“ и 10 отсто од летовите од другиот париски аеродром „Орли“. Во Германија се регистрирани над илјада сообраќајни несреќи. И Балканот не остана поштеден од невреме. Во Словенија и во Хрватска има обилни врнежи од снег и замрзнат дожд. Во северозападна Албанија е прогласена вонредна состојба поради поплави предизвикани од поројни дождови и 1.200 куќи се под вода. Поројни дождови има и во Босна и Херцеговина, а на одделни места реките се излеани и загрозени се десетина населени места. Слично е во Црна Гора, особено околу Скадарското Езеро. Во Македонија до средината на наредната недела ќе се задржи стабилно и суво, а потоа од 12 декември, под влијание на влажен и студен бран, ќе следува заладување со услови за снег и на некои од пониските места.
„И денеска ќе се задржи променливо и облачно со повремени врнежи од дожд и локална појава на грмежи. Ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен правец, со брзина од 100 километри на час. Утре Македонија ќе потпадне под влијание на постудена маса од север што ќе услови и натаму да имаме променливо и облачно време со повремени врнежи од дожд. Наместа ќе има и пообилни врнежи и до 30 литри на квадратен метар. Попладне на планините и на некои повисоки места врнежите ќе преминат во снег. В недела, пак, ќе биде стабилно и суво со умерен северен ветер и ниски утрински температури од минус 3 до 3 степени“, објасни Лена Јовановска, дежурна синоптичарка во УХМР.
Од понеделник до среда во Македонија ќе се задржи стабилно и суво со постепен пораст на температурите, кои в среда ќе се движат од 12 до 19 степени. Заладување со снег и во некои од пониските места ќе има од 12 декември.
Досегашните температури и сончевото време во Македонија им беа од полза на земјоделците, кои навреме ја завршија есенската сеидба. Во Пелагонија навремено се засеани 14.000 хектари земјоделски површини, од кои 8.000 хектари се под пченица. Според агроинженерите од „Пелагонија“ , најголемземјоделски комбинат во земјава, во овој период снегот ќе биде добредојден, кој е многу покорисен за засеаните есенски култури. Дождовите или сувиот студ, велат, би биле најголема опасност.
|