Нема веќе неконтролирана градба
Уставен суд го стопираше издавањето урбанистичко-планска документација
Билјана Ангеловска
Нема веќе да биде можно да никнуваат градби и да растат габаритите на објектите според поединечни желби на инвеститорите, а надвор од деталните планови, бидејќи привремено е стопирано се' што се презема врз основа урбанистичко-планска документација. Уставен суд одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на четири члена од Законот за просторно и урбанистичко планирање, со што се предвидува со државна и локална урбанистичка планска документација да се врши измена на претходно донесени детални урбанистички планови.
Причината за ваквата одлука уставните судии ја гледаат во постапката по која се носат планските документации, а која е спротивна од онаа за деталните планови. Урбанистичко планска документација (УПД) се носи кога некој граѓанин ќе упати барање до државен орган или до општина за измена на ДУП, без притоа да има расправа и без учество на други заинтересирани субјекти. Со тоа, смета Уставниот суд, се воспоставува паралелен систем во планирањето, во кој се исклучени другите граѓани и стручни лица, што не е во согласност со владеењето на правото и уредувањето на просторот како темелни вредности.
Четирите спорни члена од Законот за просторно и урбанистичко планирање овозможија масовно менување на делови од деталните урбанистички планови само врз база на поединечно барање, а без да биде спроведена стручна анализа. Ова особено се однесува на плановите за поатрактивните населби, каде што изградбата е многу интензивна.
За околу една и пол година откако стапија во сила измените на Законот, само во Општината Центар се поднесени 246 барања за локална урбанистичко-планска документација. Од нив, одобрени се 127, а одбиени само 19, додека останатите се' уште се во процедура. Најчести ДУП-ови за кои е побарано ЛУПД во општината Центар се за Старо Водно, за Долно Водно, Тасино Чешмиче 1 и 2, Капиштец, Капиштец Клинички блок, Мал ринг, Дебар маало, Буњаковењц 1 и 2.
„Се' додека не се донесе и не се објави одлуката на Уставниот суд, не можеме да се произнесеме во врска со преземање одредени дејствија кои се однесуваат на таа материја. По донесување на евентуална одлука, ќе постапиме согласно со одлуката на судот“, накратко ни изјави портпаролот на Општина Центар, Јовица Ацковски.
Од Општина Карпош велат дека уште од почетокот имале негативен став во однос на можноста да се интервенира во ДУП-овите преку одобрување ЛУДП. Иако интересот на инвеститорите е голем, општината крајно внимателно и рестриктивно се однесува кон сите барања. Оттаму велат дека досега се поднесени над 300 барања, а одобрени се 40. Издадените одобренија се однесуваат за станбени и деловни објекти.
Иницијативата за преиспитување на уставноста на членови на Законот за просторно и урбанистичко планирање ја поднесе архитектот Мирослав Грчев уште во март годинава, а неколку месеци подоцна тој повторно се обрати до Уставниот суд со барање да биде стопирана примената на спорните одредби, сметајќи дека во меѓувреме се нанесуваат огромни штети на полето на уредувањето на просторот.
„Секоја УПД, локална или државна, е спротивна на ДУП и има цел да ги пробие планските одредби. Бидејќи со управни поединечни акти се дозволува комплетно да се игнорира планската дејност и се урне колку-толку изедначениот третман на просторот, кој е суштина на планирањето.
Главно, сите преземени акти најчесто се за неразумно и профитерско зголемување на објектите чии вообичаени габарити и висина, како и меѓусебна оддалеченост обезбедуваат стандардни услови за живеење и работа. Сега се прави непропорционално зголемување на волуменот на куќите“, појаснува Грчев.
Според него, досега за ЛУПД одлучуваше комисија во општините и тоа зад затворени врати и без увид на стручната и граѓанска јавност. А, доколку градоначалникот, кој го аминува барањето за ЛУПД не му удоволи на барателот, тоа автоматски може да го стори министерот. Оттаму, смета Грчев, ресорното Министерство за транспорт и врски треба да ја спроведе судската одлука веднаш по нејзиното објавување и да ги извести сите оние што градат да прекинат со градба, а државните и општинските инспектори да реагираат на терен, се' со цел да се намалат штетите. (Б.А.) |