Број 3255  понеделник, 12 април 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Свет

Привремената влада ќе го апси, а Бакиев не се повлекува

Безредијата го принудија претседателот на Киргистан Курманбек Бакиев да се повлече на југот од земјата, креирајќи пат-позиција со новата власт

БИШКЕК - Привремената влада на Киргистан ја разгледува можноста за апсење на претседателот на државата за да го изведе пред суд за смртта на 81 лице во безредијата со кои беше соборена неговата влада, изјави вчера привремениот лидер. Безредијата на 7 април го принудија претседателот Курманбек Бакиев да се повлече во неговото упориште на југот од земјата, креирајќи пат-позиција со самопрогласена влада во главниот град Бишкек, предводена од Роза Отунбаева. „Бакиев треба да разбере дека е фатен во тесно“, изјави Отунбаева во интервјуто за Ројтерс. „Кога тој ќе биде уапсен... ќе биде можно да се спроведе истрага и да биде испрашан во согласност со законот“. Таа додаде: „Она што го стори тој бара сериозен судски процес“. Уште додаде дека нејзината влада не може да гарантира за безбедноста на Бакиев од оние што бараат одмазда по насилствата. „Искрено едвај можеме да ги задржиме оние што се подготвени да заминат таму (во упориштето на Бакиев) со оружје“, изјави таа. „Сите убиени имаат роднини и пријатели. Има луѓе што сакаат одмазда. Ова е многу чувствителна ситуација. Мора да разберете дека нема да бидеме во можност да ја гарантираме неговата безбедност“.

Најмалку 81 лице беа убиени кога силите, лојални на Бакиев, отворија оган врз толпата од демонстранти од опозицијата, во минатата среда, за време на безредијата што го принудија претседателот да избега од главниот град. Таа додаде дека нејзиниот тим не води разговори со Бакиев и очекува тој доброволно да и' ја предаде власта на привремената влада. Обвинителите лојални на новата власт веќе отворија кривичен случај против двајцата браќа на Бакиев и неговиот син.

Меѓутоа, Отунбаева додаде дека нејзината влада нема да користи сила против Бакиев. „Не ја поддржуваме идејата за употреба на сила. Налози за апсење за неговите роднини и помошници веќе се издадени. Што се однесува до него (Бакиев), обемот на нашите можности се стеснува се' повеќе“, изјави таа.

Претседателот на Киргистан, Курманбек Бакиев, вчера изјави дека нема да се повлече од функцијата и дека секој обид за негово убиство „би го удавил Киргистан во крв“. Говорејќи за Ројтерс од тајна локација во неговиот роден регион Јалалабад, Бакиев изјави дека е подготвен за разговори со новата самопрогласена влада на Киргистан, но не ја признава нејзината легитимност. „Иако тие се нелегална власт, да седнеме на преговарачка маса“, изјави Бакиев, облечен во темен костум.

Претседателот, кој замина од главниот град откако неговата влада беше соборена на 7-8 април, предупреди дека секој обид за негово убиство ќе има крвави последици за Киргистан, држава со 5,3 милиони луѓе, во која има американски и руски воени бази. „Сакам да ги предупредам оние што сега ме гонат: Немојте да бидете најмени убијци, бидејќи ова ќе донесе само огромна трагедија за земјата“, додаде тој. „Ние ќе се удавиме во крв ако тие се одлучат за физичка елиминација. Ако употребат сила, тогаш овие луѓе околу мене нема да дозволат да се случи тоа, и тоа ќе значи крвопролевање“.

Бакиев (60) изјави дека се потребни мировни сили на ОН за да спречат „продолжување на хаосот“ во сиромашната централно-азиска држава, но со големо стратегиско значење. „Криминалните структури излегоа од сенките. Тие отворено почнуваа да се движат наоколу со оружје во рацете и повторно се случува редистрибуција на имотот, како и запленување на приватни бизниси“, изјави тој. Најмалку 81 лице загинаа за време на масовните протести во Бишкек кога владините сили отворија оган врз толпа од повеќе од 5.000 демонстранти на плоштадот пред претседателскиот Бел дом.

Бакиев изјави дека тој не го наредил пукањето и дека неговите сили веднаш одговориле откако снајпер пукал во неговиот кабинет во Белиот дом. „Не ја напуштив земјата, бидејќи, пред се', не чувствувам никаква вина“, изјави тој. Уште додаде дека чувствува жалење како претседател поради тоа што не бил во можност да ги спречи жртвите. „Поканив независна меѓународна комисија да ги истражи овие трагични настани што се случија на 7 и 8 април, бидејќи не постои никаква доверба во сиве овие истражни тела, кои почнаа криминални постапки против мене“ изјави тој. (Ројтерс)


#
Статијата е прочитана 237 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Свет
На Путин му е подрага Роза од лалето
Десницата на изборите во Унгарија стартуваше со предност
Суданците излегоа на гласање на првите избори по 25 години
Откриена трета генерација нуклеарни центрифуги
Жртвите ги бараат имињата на свештениците - предатори
Најкрвави судири на Тајланд за18 години
Вашингтон не ги почитува правата на жртвите од „катрина“