Жртвите ги бараат имињата на свештениците - предатори
ВЕРОНА - Дарио Лаити, жртва на сексуална злоупотреба, е глув и има големи проблеми со говорот. Меѓутоа, тој има јасна порака за папата Бенедикт: „Откријте ги свештениците - предатори, сегашни и минати, живи и мртви за доброто на црквата. Мислам дека папата треба да ја донесе правдата. Тој треба да се ослободи од сите свештеници што злоупотребувале деца. Тој треба да му каже на светот кои се тие луѓе и кои од нив се' уште се живи“, изјави Лаити од овој северен италијански град. Досега папата не зборуваше директно за новиот бран тврдења за сексуални злоупотреби што ја вознемируваат црквата во голем број земји, вклучувајќи ги САД, Италија и неговата родна Германија. Лаити (59) и останатите што рекоа дека како момчиња биле злоупотребувани во училиштето „Антонио Проволо“, за глуви деца пред неколку децении, што е под заштита на црквата и се приклучија на се' поголемата листа жртви, кои бараат од папата да зборува повеќе и директно за кризата.
Диоцезата од Верона отвори истрага за овие тврдења. Се наведува дека иако имало некои злоупотреби што најверојатно се случиле во училиштето во 50-тите и 60-тите години од минатиот век, тоа не е со толкав обем, како што тврдат некои од поранешните ученици од „Проволо“. Жртвите од вакви злоупотреби излегоа во јавност со своите стории во многу места, вклучувајќи ги Германија и САД. Но, Лаити и неговите поранешни соученици истапија со вакви тврдења во земјата каде што римокатоличката црква се' уште има огромна моќ. (Ројтерс)
|