Суданците излегоа на гласање на првите избори по 25 години
КАРТУМ - Суданците вчера излегоа на гласање на првите избори во 25 години што ќе бидат тест за кревкото единство во најголемата африканска држава, меѓутоа кои веќе се извалкани од тврдења за измама. Имаше хаотични сцени на некои од местата за гласање - претседателот на јужен Судан, Салва Кир 20 минути чекаше под едно дрво пред неговото гласачко место за тоа да биде отворено во јужниот град Џуба, и потоа го расипа првото гласање со тоа што го пушти гласачкото ливче во погрешна кутија.
Во Картум редици почнаа да се формираат уште од раните утрински часови, каде улиците беа невообичаено мирни поради големото присуство на полицијата. Има информации за задоцнувања, згрешени гласачки ливчиња и непотполни гласачки списоци во некои области.
Изборите што ќе траат три дена се клучен индикатор за тоа дали Судан може да го одбие обновениот конфликт и хуманитарната криза додека се движи кон референдумот закажан за 2011 година што би можел да ја подели оваа држава во која се произведува нафта и да донесе независност за јужниот дел на Судан. Полицијата соопшти дека 100.000 полицајци се распоредени низ северот за да се спречат немири за време на гласањето за избор на претседател, лидер за полуавтономниот југ, претставници во собранијата и гувернери.
Сегашниот претседател на Судан, Омар Хасан ал Башир, кој се соочува со налог за апсење од Меѓународниот кривичен суд за наводно планирање воени злосторства во западниот регион Дарфур изгледа сигурно ќе освои уште еден четиригодишен мандат откако водечките опозициони партии се повлекоа од трката. "Ова нема да бидат перфектни избори. Не постои такво нешто", изјави поранешниот американски претседател Џими Картер пред новинарите, откако им се приклучи на набљудувачите од неговиот центар "Картер" во Картум. "Меѓутоа, ако забележиме дека на изборите адекватно е изразена волјата на гласачите тогаш тоа ќе биде главната оценка што ние ќе ја дадеме".
Опозициони групи и активисти излегоа со мноштво жалби за местење на гласови, разгорувајќи ги сомнежите за кредибилитетот на првите повеќепартиски избори во Судан во последниве 24 години. (Ројтерс)
|