Откриена трета генерација нуклеарни центрифуги
ТЕХЕРАН - Иранскиот претседател ја откри новата трета генерација центрифуги, за која првиот човек во нуклеарната програма вели дека многу побрзо може да го збогати ураниумот отколку сегашната технологија. Центрифугите ќе имаат шестпати поголема моќ на сепарација отколку што ја имаат оние од првата генерација. Збогатувањето на ураниумот е главна грижа на западните земји што преговараат со Иран околу неговата нуклеарна програма. Новата технологија би можела да го скрати времето потребно за производство на нуклеарна бомба. Техеран инсистира на тоа дека неговата нуклеарна програма е само за мирновременски цели. Обелоденувањето што се случи во петокот дојде откако членките на Советот за безбедност на ОН дискутираа за нова рунда санкции против Иран поради неговото одбивање да го запре збогатувањето на ураниумот. Амбасадорите од петте постојани членки од Советот за безбедност, плус Германија, П 5+1, ги опишаа разговорите како вредни за потрошеното време, но додадоа дека нивните средби ќе продолжат и во наредните недели. (Би-Би-Си) |