Вашингтон не ги почитува правата на жртвите од „катрина“
ЊУ ОРЛЕАНС - Американската влада и државите покрај Мексиканскиот Залив константно не ги почитуваат човековите права на жртвите од ураганот, откако ураганот „катрина“ одзеде околу 1.800 животи и предизвика огромно уништување, кога ја погоди земјата во август 2005 година, соопшти вчера Амнести интернешенел. Извештајот со наслов „Неприродна катастрофа“ се наведува дека третманот на жртвите од ураганот и владините акции во сместувањето, здравствената заштита и одржување на поредокот ги спречија сиромашните малцински заедници повторно да ги изградат и да се вратат во своите домови во Мексиканскиот Залив. Се' на се', акциите на власта придонесоа за непочитување на човековите права и „како резултат на тоа, демографијата на регионот е трајно прекроена“, се наведува во извештајот.
Амнести обрнува особено внимание на Њу Орлеанс, каде што јавното сместување е застрашувачко, бавно оди отворањето на болниците, а кривичниот правосуден систем е „заразен“ од полициска бруталност, долги притвори и недоволно финансиран и сиромашен одбранбен систем. „Има уништување на повеќето од јавните единици за сместување во Њу Орлеанс, притоа, без замена за уништените, како и недоволна изградба на достапни куќи за изнајмување“, вели Џастин Мацола, истражувач на Амнести. „’Орлеанс париш призон‘ сега е најголемата психијатриска институција за ментално здравје во градот Њу Орлеанс“. (АП)
|