Обама во Москва доаѓа со компромис за ракетниот штит
Медведев и Обама би требало да потпишат рамковен документ за намалување на атомското оружје
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Самитот на рускиот и американскиот претседател, Дмитриј Медведев и Барак Обама, што започнува денес во Москва би можел да биде важен чекор за нормализирањето на односите на двете најголеми сили во светот. По маратонските преговори, Медведев и Обама би требало да потпишат „рамковен документ“ за намалување на атомското оружје. Како што објасни Сергеј Приходко, советник за надворешна политика на Дмитриј Медведев, во документот би требало да бидат наведени бројките до кои Русија и САД би ги намалиле своите атомски потенцијали, но подоцна би се утврдиле роковите за реализирање на договорот.
„Тој своевиден меморандум и политички документ ќе се нарекува ’заедничко разбирање за стратешкото нуклеарно вооружување’ и врз основа на него ќе се потпише нов договор за намалување на атомскиот потенцијал“, објасни Сергеј Приходко.
Во Министерството за надворешни работи на Русија велат дека новиот договор ќе биде потпишан до декември. Во Москва се надеваат дека Вашингтон ќе се откаже од поставувањето радари во Чешката Република и на 10 ракети-пресретнувачи во Полска, бидејќи без таа отстапка Русија нема намера да потпише нов документ за разоружување.
Претседателот Медведев изрази оптимизам дека со новото раководство на САД ќе се постигне компромис за намалување на атомскиот потенцијал, како и за противракетната одбрана (ПРО).
„Повеќе пати изјавив дека Русија е против распоредувањето на ПРО во Полска и во Чешка. Сегашната американска администрација е подготвена да разговара за тоа додека поранешната заземаше многу ’тврдоглава’ положба за ПРО. Не може да се разговара за намалување на атомскиот потенцијал, а да не се зборува за ПРО, односно за средствата на противракетната одбрана“, објасни Дмитриј Медведев. Рускиот претседател е оптимист и верува дека САД и Русија можат да најдат „разумно решение“, а за тоа треба да се покаже подготвеност за компромис. Тој истакнува дека само со компромис може да дојде до намалување на бројот на ракетите или на атомските глави, но и да се најде заеднички пат за противракетната одбрана.
Во Кремљ истакнуваат дека е договорено протоколот да се намали на минимум за да има повеќе време за политички преговори. Обама доаѓа со сопругата и со двете ќерки, за кои е подготвена посебна програма. Веднаш по полагањето венец на гробот на незнајниот јунак покрај ѕидините на Кремљ, Обама ќе се упати на преговори со Медведев. Предвидено е првиот ден да разговараат околу осум часа. Вечерва Медведев ќе организира вечера за Барак Обама и неговата сопруга. Главна тема на првиот ден од преговорите е како да се намалат атомските потенцијали, но ќе се разговара и за кризните жаришта во светот. Обама, на вториот ден од престојот во Москва, ќе се состане со избрани претставници од руската опозиција, како и со членовите на невладините организации. Тој ќе присуствува и на руско-американски бизнис-форум. Лидерот на руските комунисти, најголемата опозициона партија во Русија, Генадиј Зјуганов, има намера да му предложи на Барак Обама да ја тргне блокадата за Куба. |