Американските држави го суспендираа Хондурас
Ова е првпат Организацијата да преземе таква мерка откако беше суспендирана Куба во 1962 година
Организацијата на американски држави (ОАС) го суспендираше Хондурас во знак на протест поради соборувањето на претседателот Мануел Зелаја. Таа ретка одлука е донесена на вонредниот состанок на 35-члената организација во Вашингтон. Одлуката следеше пред вчерашното очекувано враќање на Зелаја во земјата, во придружба на неколку латиноамерикански лидери. Новата влада се закани дека ќе го уапси. Дописникот на Би-Би-Си од Хондурас јавува дека се чувствуваат се' поголеми стравувања заради појава на насилство. „По се' изгледа, часовникот дефинитивно одбројува, како што се чини, до невообичаена пресметка“, јавува дописникот. ОАС одобри суспендирање на Хондурас со 33 гласови „за“ наспроти ниеден против, при што Хондурас не гласаше. Ова е првпат Организацијата да преземе таква мерка откако беше суспендирана Куба во 1962 година, кога стапи во сојуз со СССР.
Зелаја беше принуден од страна на војската да ја напушти земјата, бидејќи притискаше со плановите да се одржат необврзувачки јавни консултации на 28 јуни, со цел за да го праша народот дали ги поддржува обидите за промена на уставот. Во саботата тој повторно изрази намера да се спротивстави на новата влада на неговата земја, со враќање дома. „Го организирам моето враќање во Хондурас. Тоа е враќање на претседателот избран со суверена волја на народот“, рече тој, истакнувајќи дека ќе пристигне меѓу 13 и 14 часот по локално време. Притоа ги повика своите следбеници да му се придружат „без оружје“ кога ќе пристигне во главниот град Тегусигалпа. Тој додаде дека ќе биде придружуван од претседателот на Аргентина, Кристина Фернандез де Киршнер, и од претседателот на Еквадор, Рафаел Кореја.
На аеродромот се очекуваа илјадници негови приврзаници. Зелаја, исто така, ја предупреди новата администрација на привремениот лидер Роберто Мишелети дека меѓународната заедница е против нив. „Вашите мерки нема да поминат незабележани, бидејќи меѓународните судови ќе треба да ви судат за геноцидот што го правите во нашата земја, со задушување на правата и репресирање на нашиот народ“, рече тој. Привремената влада на Хондурас истакнува дека дејствувала во рамките на законот и оти ја има поддршката од мнозинството население.
Претходно лидерот на католичката црква во Хондурас го повика соборениот претседател да не се враќа од егзил, за да се избегне провоцирање на, како што рече тој, „крвопролевање“. Кардиналот Оскар Родригез рече дека нема загинати откако Зелаја ја изгубил власта, и апелираше до него да ги провери своите мерки пред да биде предоцна. Земјата се' повеќе станува поларизирана, јавуваат дописниците. Секојдневно се одржуваат масовни демонстрации, и во знак на поддршка и против владата. Богатиот бизнисмен Зелаја е левоориентиран политичар и поддржувач на претседателот на Венецуела, Хуго Чавез. Неговите опоненти, меѓу кои Врховниот суд и мнозинството во парламентот, го обвинуваат дека се обидува да го продолжи своето владеење. Тој сакаше да се одржи народно гласање за свикување уставна конвенција - чекор што би можел да го отстрани сегашното ограничување на само еден мандат за претседателите. (Би-Би-Си) |