Турски генерали против законот за воен суд
ИСТАНБУЛ - Турските воени сили сметаат дека законот според кој на воените лица во мирно време ќе им се суди во цивилни наместо во воени судови, е неуставен и тие за тоа го известиле претседателот. Законот, чија цел е да се исполнат критериумите за членство во ЕУ, предизвика тензии меѓу моќната секуларистичка војска и владата на партијата АК со исламистички корени, во доминантна муслиманска Турција. „Политиката ќе влезе во касарните“, е насловот на насловната страница во либералниот весник „Милијет“, каде што детаљно се наведени забелешките на воениот Генералштаб за законот, што треба да биде одобрен од претседателот Абдула Ѓул. Војската, втора по големина во НАТО, собори четири влади на Турција за 50 години и се смета за чувар на секуларниот систем на земјата. Сепак, нејзината моќ е контролирана последниве години од демократските реформи.
Според војската, законот ја прекршува неприкосновеноста на воените области и ќе доведе до судир меѓу военото и цивилното судство. Војската, исто така, изрази загриженост поради начинот на кој законот беше усвоен во парламентот, на седница што се одржа доцна ноќта на крајот од јуни, откако официјални претставници на министерството за одбрана го напуштија собранието.
Претседателот Ѓул се консултираше со владата, војската и со судството за законот, пред да донесе одлука дали да го одобри до крајниот рок на 10 јули. Доколку не го одобри, може да го врати законот во парламентот на понатамошна дебата.
Со законот се бара цивилните судови да им судат на припадниците на воените сили кои се обвинети за кривични дела, како закани за националната безбедност. (Ројтерс)
|