Бојко Борисов како бугарски народен суперхерој
Тој не зборува странски јазици, но секој државник кој ја посетува Бугарија бара да се сретне со него
Јури Велев Специјално за „Утрински весник“
Тој има широки рамења, куса коса, длабок глас и груб изглед на детектив од криминалистички филм. За Бојко Борисов - очекуваниот победник на парламентарните избори во Бугарија, многу луѓе раскажуваат анегдоти. Додека го гледаат на телевизиските екрани наутро, во текот на денот и навечер, тие зборуваат за него како „бате Бојко“. Борисов се пофали дека најмалку два милиона Бугари се фотографирале со него додека го среќавале на улица. Ако тоа не е доволно, тогаш децата трчаат за да ги допрат неговите мускули. Тој не зборува странски јазици, но секој сериозен политичар или државник кој ја посетува Бугарија бара да се сретне со него. Не само како атракција. Тој сака да ја покажува својата фотографија со канцеларката Меркел. Неговите пријатели се сеќаваат дека во бележникот вредно го запишувал секој збор што таа го изговорила на вечерата на европските лидери од десницата, едвај допирајќи ја храната. Не поради тоа што на масата можело да се слушнат многу важни работи, туку затоа што тој не сака да остави лош впечаток со неговиот здрав апетит.
Неговите опоненти жестоко го напаѓаат уште одамна. Социјалистите (БСП) велат дека неговата партија ГЕРБ ќе донесе „мутризација“ (од „мутра“ - фаца, во однос на примитивна моќ). Но, тоа не го спречува да биде најсаканиот политичар во Бугарија. Покрај тоа, тој има црн појас во карате и до 2001 година ја имаше компанијата за обезбедување „Ипон“ - превод од јапонски јазик што значи „чиста победа“. Се очекува да стане број еден на кормилото на земјата, но победата - исходот од изборите на 5 јули - ќе биде се' освен чиста и јасна.
Жив ��есок
Педесетгодишниот Бојко Борисов има славно минато - осум години со највисок рејтинг. Во првата половина како генерал на полициските сили, во втората како градоначалник на Софија. Тој има углед на човек кој не ги расчистува проблемите, туку дека ги пресекува. И сите очекуваат да видат како ќе го реши проблемот со изборите. Се очекува во новиот парламент да влезат седум-осум партии, што ќе ја принуди ГЕРБ да размисли за комплицирани, дури и за невозможни коалиции, само за да обезбеди мнозинство на „жив песок“. Во време на финансиска криза тоа не изгледа добро. По ужасниот транзиционен период, што ги доведе до сиромаштија (со најниски плати во ЕУ), корупциски скандали, дополнети со финансиската криза, луѓето се збунети и исцрпени. Многу од нив ја гледаат ГЕРБ како алтернатива за актуелната трипартитна владејачка коалиција, што ја сочинуваат БСП, Либералната партија на бугарските Турци (МРФ) и партијата на поранешниот бугарски цар.
Голема забелешка против нив е тоа што не го спречија ограбувањето на националното богатство и дозволија неколку луѓе, познати како олигарси, да живеат во раскош, да се возат во „бентли“ и на јахти. Владата, исто така, е под товарот на критиките, што доаѓаат од Брисел, за бавното, слабото и корумпирано судство.
Зошто го сакаат?
Еден новинар го раскажува следново - кога заглавил во сообраќајната гужва во Софија и многу доцнел за телевизискиот пренос, го повикал Борисов на помош и тој веднаш успеал да им даде инструкции на полицајците. И, ете! Колоната со автомобили се придвижила. Дали тоа е точно? Секој сака да ги зголемува работите кога станува збор за Борисов. Но, оние кои добро го познаваат велат дека еден од неговите најдобри квалитети е тоа што може да донесе брзи одлуки, што не е карактеристично за повеќето политичари и корпоративни менаџери во земјата. На пример, за еден ден смени еден од своите заменици во градското собрание, за кој постоеше сомневање за спорна одлука во однос на концесијата за автобуски линии.
Жител на неговото родно место Банкја вели: „Цевководот во мојата куќа е оштетен. Треба да му се јавам на Бојко, тој може да поправи се' во земјата“. Дали тоа е поврзано со фактот дека Борисов завршил како пожарникар на Националната полициска академија или можеби затоа што како шеф на својата компанија „Ипон“, бил лично обезбедување и на поранешниот комунистички диктатор Тодор Живков и на поранешниот цар Симеон Саксобурготски? Во 2001 година Симеон победи на изборите и го назначи Борисов за генерален секретар на министерството за внатрешни работи, што претставува највисока професионална позиција во министерството. За неколку месеци Борисов стана миленик на јавноста. Наскоро, на јавен настан во еден мал град во Бугарија, публиката срамежливо му аплаудираше на поранешниот цар и бурно го поздрави неговиот поранешен телохранител. „Дали ќе наредите да ми ја отсечат главата, Ваше височество?“, праша Борисов. Царот се смееше низ заби. Неколку месеци подоцна токму главниот секретар на министерството за внатрешни работи и' го зададе најсериозниот удар на кралската влада. По еден криминалистички напад во кој шеф од подземјето успеа жив да побегне, Борисов во медиумите објави скандалозни фотографии, кои биле пронајдени во багажниот простор на разнесениот „мерцедес“ на шефот. На фотографиите се прикажани двајца министри од кабинетот на јахта во Монако, во придружба на наводен шверцер. Борисов и инволвираните министрите доставија оставки до премиерот Симеон, но тој ги одби. Се' повеќе следеа операциите против подземјето, што ги водеше Борисов, неизбричен и облечен во црн кожен мантил. И се слушаше како го зборува нивниот јазик, во време кога царот молчеше. Политичарите и политиколозите почнаа да организираат конференции за да ги објаснат феноменалниот рејтинг и харизмата на генералот. Водеа дебати дали Бугарија ја погодил популистички бран или луѓето се желни за силна владејачка рака. Политичарите се обидоа да укажат дека Борисов е само медиумски херој, создаден од телевизиите и од весниците, и предвидуваа негово брзо пропаѓање. Никој не се обидуваше да го следи неговиот пример и секое утро да се појавува на некој национален телевизиски канал, бранејќи го својот став доколку биде нападнат од одреден опонент.
Успешно објаснување за неговиот феномен даде политикологот Иван Крастев: Борисов не доаѓа ниту од левицата, ниту од десницата, туку од дното. Народот во него гледа некој кој застанал на земја и зборува како нив. Тие ја почитуваат неговата с��особност да најде место во вестите, да маршира на екранот со неговиот црн мантил и да употребува фрази кои се шират како анегдоти.
Во 2005 година Борисов победи на изборите за градоначалник на Софија под слоганот „Генерална промена“. На првиот ден од функцијата тој лично изврши инспекција на работите за поправка на патиштата, на што му укажаа такси-возачите. Сега неговиот црн мантил е заменет со креаторски костум, Борисов е избричен, а ГЕРБ е членка на Европската народна партија. Во меѓувреме, генералот-градоначалник позира за фотографии со Силвестер Сталоне, Ален Делон, Ева Херцигова. Се појави во телевизиска емисија. Може да се купи запалка, која го репродуцира неговиот профил на ѕидот. Клубовите на обожаватели пишуваат поеми за него.
Зошто не го сакаат?
На почетокот никој не го сфати сериозно фактот дека Борисов ќе формира партија, што би можела да го повтори успехот на царот, потпирајќи се на фактот дека Бугарите секогаш се надеваат оти новата политика ќе им помогне да станат побогати, пообразовани и да живеат помирно. Сега некои шпекулираат дека Борисов, всушност, не сака да биде премиер, туку претседател. Всушност, тој не негира дека би можел да остане градоначалник, додека неговата влада е на власт. Вистина е дека Борисов е реалист, кој знае дека во кризно време е полесно да згаснат неговиот рејтинг и довербата која ја има.
Дури по изборите на 5 јули сигурно ќе се знае дали потпретседателот на Светска банка, Бугарката Кристалина Георгиева, ќе биде на чело на идната влада, додека Борисов ќе остане со љубовта од народот се' до претседателските избори, за помалку од две години.
Во меѓувреме, неговите опоненти ќе продолжат да го напаѓаат поради сомнителни познанства. Борисов навредено реагира на таквите тврдења и ги отфрла како пропаганда.
Десничарската партија на поранешниот премиер Иван Костов прва отвори оган пред околу две години. Борисов возврати нарекувајќи го Костов - Гаргамел. Сега истата партија и истиот Костов се сметаат за најблизок партнер на Борисов. Костов го нарекува „најјакиот во десницата“ и се надева дека заедно ќе се кандидираат.
Потпирајќи се на тоа, опонентите од левицата - социјалистите ја креираат нивната изборна кампања со закана дека ако го изберете Борисов, го избирате Костов. А поранешниот премиер е познат по намалувањето на пензиите и зголемување на даноците. Паметите дека „тој не доаѓа ниту од левицата, ниту од десницата“, нели?
Србинот Сретен Јоциќ, кого Белград го обвинува за убиство на хрватскиот издавач, вели дека Борисов го заштитувал додека бил во Софија. Владејачкото мнозинство сомнително брзо формираше парламентарен комитет за да го испита тоа познанство. Но, јавното мислење не е подготвено да верува во тоа. Токму Борисов ја водеше полициската операција за екстрадиција на Јоциќ од Бугарија.
Во 2006 година, американското списание „Конгрешенел квортерли“ го нападна поради сомнителните познанства, токму на денот кога американскиот претседател Џорџ Буш беше во посета на Бугарија. Борисов ги обвини своите непријатели во Бугарија за тој напис. Сега тие очекуваат неговата влада да падне по изборите. Дали е тоа можно? Како што гласи една анегдота „Солзите на Бојко Борисов можат да излечат канцер. Штета што тој никогаш не плаче“. |