18.10.2011, 17:57 Пожарот ни ги затопли односите со Катар
Бидејќи станува збор за емир со сина крв, од богата земја, кој, патем, не толку одамна имаше неуспешен обид за атентат, и една светилка пали црвен аларм
Слободанка Јовановска
Надлежните во Македонија и управата на хотелот „Александар палас„ вчера се обидоа да го минимизираат инцидентот за време на вечерата организирана во чест на емирот од Катар, шеик��т Хамад бин Калифа ал-Тани, со образложение дека пожарот не бил закана, па и тоа дека пожар, всушност, немало, туку тоа бил само курцшлус на неисправна светилка.
Да беше во прашање некоја свадба од тие што се организираат во хотелот, објаснувањето можеше и да пројде, но бидејќи стануваше збор за емир со сина крв, од богата земја, на кој патем не толку одамна имаше неуспешен обид за атентат, и една светилка (а не беше баш така) пали црвен аларм. Вечерта во „Александар палас“ се запалија дури и сирените за пожар, а освен густата „магла“ од чадот и од хемискиот распрскувач за гаснење пожарот, паѓаа и делови од метал, стакло и огнени пламени.
Со оглед на тоа дека до пожарите вообичаено доаѓа од фрлена цигара или догорче, а не запалива бомба, легитимно е прашањето - ако една неисправна светилка предизвика ефект каков што покажуваат сликите, како ќе изгледаше да изгореше кујната на „Александар палас“?
Фамозната светилка, патем, беше причина целиот хотел да се најде прекриен со половина сантиметар бел прав, па четири хигиеничарки со правосмукачки забрзано го чистеа фоајето и ги враќаа во нормала масите, фотелјите и столовите што обелеа сосема од хемискиот распрскувач.
Официјално, според министерката Гордана Јанкуловска, случајот во „Александар палас“бил разрешен уште вечерта.
„Во моментот кога се случи настанот во хотелот не само што беше обезбедувањето на емирот од Катар, шеик Хамад бин Калифа ал-Тани туку беше и обезбедувањето на објектот и на функционерите што присуствуваа на вечерта. Ние веднаш направивме анализа дали станува збор за безбедносна закана или за проблем, и практично беше утврдено дека се работи само со осветлувањето, што не значеше никаква закана ниту по безбедноста на емирот ниту по безбедноста на гостите на хотелот“, изјави Јанкулоска. Притоа додаде дека случајот е веќе расчистен и се утврдени причините за спојот на инсталацијата, предизвикана од неисправна светилка.
Со слична информација се огласија и од хотелот „Александар палас“, каде што негираат дека воопшто избувнал пожар за време на престојот на емирот од Катар. И, според нив, настанал краток спој при што се запалила светилка во фоајето.
„Потенцираме дека не дојде до пожар, а пожарникарите беа повикани од безбедносни причини. Свечената вечера во чест на високиот гостин, на која присуствуваа и претседателот и премиерот, којашто се одвиваше во истиот период, мина во најдобар ред“, се наведува во соопштението од хотелот. Присуството на пожарникарната единица, сепак, посочува на нешто друго. Командирот на единицата, Благоја Менковски потврди дека интервенирале со едно возило завчеравечер, дека се качиле на покривот на хотелот и за кратко време го средиле проблемот. И, според нив, проблемот го предизвикал спој во електричната инсталација, а чадот бил предизвикан од пластиката што горела.
„Утрински весник“, наспроти шпекулациите како тоа баш опозициски настроен весник да се најде таму и како да се случи ваков инцидент баш во хотел на главен спонзор на опозициската партија, всушност, не беше единствен присутен на настанот. Беа присутни и цела група салонски новинари што заборавија која им е професијата и не дојдоа од салата до холот за да видат што се случува, иако инцидентот траеше подолго од половина час, а емирот доцнеше поради тоа. Дали требаше да изгори целиот хотел, па да видат вест, е тема за друга расправа.
Како и да е, за да му се надомести на емирот кој на ниво се справи со инцидентот, вчера неговото движење го следеше хеликоптер нонстоп, а беше ангажирана целата шеста управа на полицијата по улиците и во Старата чаршија. Настанот, сепак, не беше ни одбележен во катарските медиуми, по се' изгледа бидејќи на Блискиот Исток инцидентите се на друго ниво, т.е. само многу посериозни од овој привлекуваат внимание во медиумите. „Емирот во немир“, „ќе правиме од емирот Емир Костурица„, „сакавме да ги затоплиме односите на Катар со Македонија“, „се запали пиле Трено одајчето“, и слични коментари, за разлика од Катар, од настанот направија прва вест во Македонија. Вчера престојот на емирот се врати на протоколарната рутина. (С.Ј.) |