Значката и пиштолот подложни на злоупотреби
Љубиша Станковиќ
Значката и пиштолот се' почесто се злоупотребуваат, а одредени припадници на полицијата стануваат поопасни и недопирливи за законот, доведувајќи ја во прашање безбедноста на граѓаните, но и на државниот врв, за чија безбедност треба да се грижат. Дали полицијата ги штити припадниците на своите редови, кои го прекршиле законот, е само една од дилемите што се наметна по неколкуте инциденти што се случија во изминатите два месеца, во кои беа инволвирани службени лица од МВР:
Проблемот се наметна особено по инцидентот што се случи пред неколку дена во Виница, а за кој директно беше посочен полицаецот Иво Павлов, инаку возач на сопругата на премиерот Никола Груевски. Дел од медиумите излегоа со тврдење дека токму Павлов бил тој што пукал од службениот пиштол во неделата наутро, а потоа со службеното возило удрил во автобус и му се заканувал на возачот. Се говореше и дека никој не постапил по пријавата за нарушување на јавниот ред, дека од Павлов не биле замени крв и урина и дека не му била земена парафинска ракавица со која ќе треба да се покаже присуство на барутни честички.
Од МВР вчера ги негираа тврдењата дека не се постапило според законот, но ја потврдуваат сообраќајката што се случила во неделата во 5,40 часот на раскрсницата од улиците „Браќа Миладиновци“ и „Димитар Влахов“ во Виница. Едно од возилата што учествувало во судирот е во сопственост на МВР.
„Не се точни тврдењата дека на местото каде што случила незгодата не бил извршен увид. Колегата самиот повикал претставник на Внатрешната контрола и професионални стандарди. Било утврдено дека направената штета е 60.000 денари. Од него се земени крв и урина заради проверки. Извршено е вештачење на службеното оружје и притоа било констатирано дека од него не било пукано“, вели портпаролот на МВР, Иво Котевски. Според Котевски, од полицаецот била земена парафинска ракавица и сега се чека на резултатите.
Само во изминатите два месеца неколкумина полицајци се најдоа на ударните страници во весниците и на телевизиските дневници. Така, во првите денови на август беше обелоденето дека Цветан Божиновски, началник за Општ криминал, крвнички го претепа својот братучед Горан Трајковски. Дури откако тепаниот братучед го изгуби видот, началникот беше суспендиран, а потоа беше обелоденето дека пред неколку години имал проблеми со законот. Тој додека ја извршувал функцијата началник за насилен криминал при СВР - Скопје, ја злоупотребил положбата, поради што бил суспендиран шест месеци.
Случајот со трикратното убиство во ресторанот „Биг фиш“ во скопската населба Аеродром, отвори нова димензија што говори за работењето на одредени полициски работници. Во ресторанот, на иста маса седеле двајца регистрирани дилери на дрога и вработен во Шестата управа. Од МВР досега никој не даде конкретни информации за тоа што барал вработен во МВР, со задача да обезбедува странски делегации, со проблематичното друштво.
Пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, во минатонеделното интервју за „Утрински“ укажуваше дека во полицијата треба да се вработуваат само професионалци.
„Припадниците на МВР, кои се вклучени во обезбедувањето на носителите на високи државни функции, треба да бидат професионалци, обучени, отпорни на влијанија, но и под постојана проверка на разузнавањето и контраразузнавањето“, изјави Трајанов.
Како финале на однесувањето на дел од припадниците на МВР се надоврзува случајот на Ален Зекиров. Станува збор за вработен во Управата за безбедност и контраразузнавање при МВР, односно личен телохранител на директорот на УБК, Сашо Мијалков.
Зекиров кон средината на ланскиот јуни, на булеварот „Партизански одреди“, кај ТЦ „Буњаковец“, управувајќи мотоцикл марка „агуста“ со голема брзина го прегази скопјанецот Симо Серафимовски (73), кој во тие моменти со велосипед минувал на пешачки премин.
Сведоците на настанот тогаш тврдеа дека мотоциклистот се движел со голема брзина и дека од ударот Серафимовски бил отфрлен десетина метри. За Зекиров МВР поднесе кривична пријава за тешки дела против безбедноста во сообраќајот, но случајот и по повеќе од една година, се' уште е во фаза на истрага. |