Половина Скопје се вакцинира кај исти лекари
Затворен пунктот за имунизација во поликлиниката „Букурешт“, лекарката заминала во пензија
Јасмина Јовановска
Пунктот за имунизација во поликлиниката „Букурешт“ во Скопје, без најава, вчера ги затвори вратите и не вршеше вакцинација на деца. Родителите не беа информирани дека центарот нема да работи, па од рано наутро беа враќани со објаснување дека нема лекар. Меѓу нив имаше родители и со едномесечни бебиња, кои беа револтирани зат��а што непотребно се малтретираат. Место да ги вакцинираат децата, на родителите им ги врачуваа здравствените картони и ги преупатуваа во најблиските центри за вакцинирање, во поликлиниката „Ѓорче Петров“ или, пак, во поликлиниката „Идадија“. Од Здравствен дом „Скопје“ објаснуваат дека во центарот во „Букурешт“, кој покрива околу 2.000 деца, е прекината вакцинацијата, бидејќи работел само со една лекарка, која сега заминала во пензија и нема доволно педијатри за некој да ја замени.
Родителите реагираат зошто навреме никој не ги известил дека е прекината имунизацијата. „Сега мора да трчаме до други пунктови и не знаеме дали ќе не' примат, зашто штом ќе се отвори едно шишенце, се знае дека тоа подразбира точно одреден број дози“, се жали еден родител, кој вели дека излегол од работа за да го вакцинира детето. Друг, пак, вели дека владее хаос во вакцинирањето. „Ми го дадоа картонот и со синот отидов во поликлиниката ’Идадија‘ за да прими вакцина за жолтица. Но, оттаму ни велат нема вакцини, сите се повлечени на клиника, потребно е да се чека додека не се добијат, односно за неколку недели“, раскажува една нервозна мајка, која вели дека цело утро го минала во шетање по советувалиштата и повторно не завршила работа.
Со прекинувањето на вакцинацијата во „Букурешт“ се отвори проблем каде родителите да ги вакцинираат децата, затоа што еден стручен тим ќе мора да покрива речиси половина Скопје. Односно, целиот регион од општината Ѓорче Петров, заедно со Сарај и околните села, па се' до општината Карпош каде што има над 150.000 жители, ќе се покрива само во еден пункт за вакцинација, кој работи во една смена, а е лоциран во поликлиниката „Ѓорче Петров“. Во една смена треба да се прегледуваат и по 100 деца, а тоа е психички и физички неиздржливо.
Бројот на пунктови за вакцинирање постојано се намалува. Од вкупно осум во Скопје, два се укинати, само во три има две смени, а другите се со една лекарка, која мора да ги прегледува децата за да види дали може да се вакцинираат и да дели совети за здравјето на бебето.
Проблемот со недоволно лекари во центрите за вакцинација и советувалиштата за здрави деца во Скопје се провлекува со месеци. Летоска, во „Ѓорче Петров“ беше затворена втората смена, зошто еден лекар си замина во приватниот сектор, а претходно беше затворен и пунктот во селото Буковиќ.
Од Здравствен дом „Скопје“ се правдаат дека за проблемот алармирале до надлежните пред неколку месеци. „Природниот одлив на кадар не може да се спречи, а во тек се постапки за да се обезбеди кадарот што недостасува“, велат од Здравствен дом „Скопје“.
Од Министерството за здравство, исто така, уверуваат дека проблемот ќе се реши наскоро. „Ќе се ангажираат тимови“, но дали нови или ќе се врши прераспределба на стари тимови не откриваат од Министерството за здравство. Проблемот со недостигот на педијатри деновиве ќе биде разгледуван и на Влада. |