Британскиот премиер го поддржа Обама
Браун смета дека Обама ќе им помогне на Американците да се справат со економското назадување
ЛОНДОН - Британскиот премиер Гордон Браун вчера изрази поддршка за американскиот претседателски кандидат на демократите, Барак Обама, изјавувајќи дека тој ќе им помогне на Американците да се справат со економското назадување. Со чекор што некои британски медиуми го сметаат за прекинување на политичкото правило на однесување, според кое странските лидери остануваат неутрални пред американските избори, Браун го пофали Обама како колега „напреден политичар“ кој би им помогнал на обичните Американци во тешки времиња. Осум недели пред претседателските избори Обама и неговиот републикански ривал Џон Мекејн се израмнети во домашните анкети на јавното мислење. Браун ја опиша трката за Белата куќа како „наелектризирана“ и рече: „демократите ги даваат идеите да му се помогне на народот низ тешките времиња“. „За да им помогне на луѓето да не ги загубат нивните домови, Барак Обама го предложи Превентивниот фонд за да се зголеми советувањето пред запленување во вонредни состојби и да им помогне на семејствата кои се соочуваат со конфискација“, истакна тој во написот за списанието „Монитор“ - месечна политичка публикација.
На прашањето дали коментарите на премиерот се знак дека го фаворизираат Обама во однос на Мекејн портпаролот на Браун рече: „премиерот не одобрува кандидат на американските претседателски избори и никогаш нема да одобрува“. Портпаролот забележа дека Браун исто така го искористил написот за да ги пофали левоориентираните влади во Австралија и Нов Зеланд. (Ројтерс) |