Брoj 2784  четврток, 11 септември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Свет

Фијаско на процесот против осумте британски терористи

Две години по фаќањето и потрошени 10 милиони фунти, поротата прогласи за виновни само тројца од нив

Од нашиот дописник
Томислав Ивановски


ЛОНДОН - Судењето на осумтемина млади британски муслимани, обвинети за подготвување терористички заговор, со изведување серија бомбашки напади со течен експлозив во авионите што летаат меѓу Британија и Америка, заврши со фијаско за обвинителството и за безбедносните служби кои работеа на случајот и кои ги подготвуваа доказите за процесот. Две години по фаќањето на групата, по потрошени 10 милиони фунти за целата операција, како и по неколкумесечното судење, поротата во судот во Лондон прогласи за виновни тројца од нив, осудувајќи ги само за заговор за убиство на, како што е речено, „непознати лица“. Еден од групата, поротата го ослободи, а за другите четворица обвинети не донесе никаква пресуда, но се согласи дека за никого од осумтемина не може „да најде и да утврди врска со подготовките за соборување авиони над Атлантикот“.

Ваквата одлука на поротата предизвика збунетост кај обвинителството, изненадување кај разузнавачките агенции и антитерористичката единица во полицијата и разочараност во редовите на владината администрација, затоа што кај сите преовладуваше мислењето дека процесот е добро подготвен и дека доказите со кои се располага се доволно силни за да се убеди поротата. Лондонски „Тајмс“ предупредува дека неприфаќањето на вината за планот да се одведат во смрт илјадници луѓе на нивниот лет од Лондон кон САД и Канада е сериозен удар врз антитерористичката кампања, кој може да предизвика промена во гледање на јавноста кон терористичка закана. „Гардијан“, пак, е на мислење дека тоа што (за поротата) нема докази за поврзаноста на групата со авионите, не значи дека терористичките заговорници не се виновни, бидејќи кај нив има вина и таа на судот е докажана.

По првиот шок, обвинителството и безбедносните служби одржаа во Лондон итен состанок околу тоа што ќе се прави понатаму, но и пред да се соопшти решението, обвинителството најави дека ќе поднесе контратужба и ќе побара ново судење за седуммина од групата. Иако адвокатите на одбраната ќе се обидат да спречат ново судење, извори блиски до обвинителството тврдат дека „станува збор, сепак, за силен случај, па затоа постои решеност да се продолжи со него“. Претставник на Министерството за внатрешни работи, исто така, навести дека она со што се располага „има тежина“ и дека обвинителството ќе се одлучи за ново судење. Од досега предочените докази излегува дека освен видеоматеријалот на кои дел од групата во стил на бомбашите-самоубијци на Ал Каеда и' се закануваат на британската јавност со „потоци крв и со парчиња човечко м��со по улиците“, како одмазда за наводната загрозеност на муслиманите, полицијата и обвинителството располагаат и со цврсти докази за врските на „течните бомбаши“ со терористите од нападите врз лондонското метро на 7 јули 2005 година, кога беа убиени 52 лица, како и оној од 21 јули истата година, кога бомбашите не успеаја да го активираат експлозивот. Тие меѓу себе добро се познавале и биле заедно на тренинг и обука во Пакистан. Постојат силни докази за импровизираната работилница за правење на бомбите во еден стан во источен Лондон, а докажано е дека течна бомба може да се произведе и во домашни услови, како и тоа дека тајно може да се внесе во авион.

Случајот со бомбашите избувна во јавноста во август 2006 година кога британското контраразузнавање (МИ5) и антитерористичката единица на Скотланд јард открија заговор за изведување серија бомбашки напади врз авионите на нивниот лет од Британија кон северноамериканскиот континент. Терористичката група, за која се вели дека броела дури 19 члена, планираше тајно со рачниот багаж да внесе течен експлозив во полулитарски шишиња од сокови и освежителни пијалаци, а целиот механизам за време на летот да го активира со помош на мобилни телефони. Извор од безбедносните служби, чиј идентитет на се открива, за „Дејли телеграф“ изјави дека уште петмина заговорници од групата се' уште се на слобода, откривајќи дека првообвинетиот Абдула Ахмед Али е следен од полицијата уште од 2004 година, а дека при прислушувањето на неговиот стан се откриени и плановите на групата, како и врските и контактите во Британија и во Пакистан. Полицијата знаела за нивните планови за терористички напади врз новиот финансиски центар во Лондон, врз нафтени терминали, како и врз некоја од домашните нуклеарни централи.

Сега, меѓутоа, се дознава дека МИ5 инсистирале да се почека со „ударот“ околу демаскирањето на групата, во настојување нејзините членови да земат нови пасоши, за што имале поднесено барање и да резервираат авионски билети, но е „побрзано со апсењето“, откако во Пакистан е уапсен Рашид Рауф, опишан како клучната врска на лондонската заговорничка група со Ал Каеда. „Бевме во критичниот момент за градење на случајот, па ако групата разбереше дека Рауф е фатен, можеше да пропаднат сите докази што ги имавме“, изјави за „Тајмс“, Питер Кларк, кој тогаш раководеше со антитерористичката единица на Скотланд јард. Полицијата затоа верува дека само прашање на време било до кога групата ќе се подготвеше да тргне во акција. Некои безбедносни експерти за фијаското во случајот со „течните бомбаши“, сега, ги обвинуваат Американците, тврдејќи дека ако не било инсистирањето на американската администрација и на претседателот Џорџ Буш, врз пакистанските власти да не одолжуваат со разбивањето на групата на Рауф, МИ5 ќе можеле да ги добијат и „клучните докази“, што поротата на судењето не можела да ги види. Иронично е, што Рашид Рауф по 16 месеци поминати во затвор во Пакистан, успеа да побегне и за него досега безуспешно се трага.

Абдула Ахмед Али, Асад Сарвар и Танвир Хусеин се единствените кои се прогласени за виновни, во случајот во кој поротата не успеа, како што соопшти, да види дека овие тројца и другите петмина биле навистина насочени кон бомбашките напади во авионите. Некои британски медиуми велат дека заговорниците кои „темелно и трајно“ го променија патувањето со авион, ограничувајќи го внесувањето течност со рачниот багаж, на крајот може и лесно да поминат, додека таблоидите, пак, ја обвинуваат поротата дека од судењето направила фарса. Се откриваат детали од кои се гледа цела серија бизарни одлагања и прекини на процесот, еднаш поради нечиј двонеделен годишен одмор, а другпат поради болест или некоја друга причина. Еден од поротниците отишол во болница жалејќи се на повреда, откако згазнал на топче од голф, а друг барал од судијата ослободување, зашто поради „стресното судење“ добивал напади на мигрена.


Статијата е прочитана 348 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Свет
Погребувајќи ги мртвите, Грузија гледа нови борби
Лидерот на Северна Кореја има здравствени проблеми
Британскиот премиер го поддржа Обама
Застрелан грузиски полицаец
Владејачката МПЛА победи на парламентарните избори во Ангола
Петмина кандидати во трката за јапонски премиер
Руските војници демонтираа пунктови