Лидерот на Северна Кореја има здравствени проблеми
Според најновите информации од Јужна Кореја, болеста „не е доволно сериозна за да го загрози неговиот живот
Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ил „речиси сигурно“ има здравствени проблеми, јави официјален претставник на владата на Јужна Кореја за новинската агенција Јонхап. Официјалниот претставник рече дека Ким колабирал, но не кажа кога или колку е сериозна неговата состојба. Тој рече дека не починал. Меѓутоа, официјален претставник на Северна Кореја ги негираше информациите, нарекувајќи ги „безвредни“. Повлечениот лидер не се појави на победничката воена парада во вторникот, во главниот град Пјонгјанг, со која се одбележуваше 60-годишнината на државата. Претходно, западни разузнавачки претставници јавија дека Ким Јонг Ил можеби доживеал мозочен удар. Според најновите информации од Јужна Кореја, болеста „не е доволно сериозна за да го загрози неговиот живот“. „Се чини дека имал намера да присуствува на настанот на 9 септември во попладневните часови, но реши да не дојде поради последиците од операцијата“, јави Јонхап, цитирајќи го претставникот.
Севернокорејскиот претставник, амбасадорот на земјата за односи со Јапонија, рече дека информациите со кои Ким Јонг Ил се опишува како болен се „заговор“ на западните медиуми, јави јапонската агенција Кјодо њус од Пјонгјанг. „Таквите информации ги гледаме не само како безвредни, туку како заговор“, јави Сонг Ил Хо. Тоа беше прва реакција на Пјонгјанг на неодамнешните информации дека лидерот на Северна Кореја е болен. „Верувам дека целта е да се создаде јавно мислење за нешто што не е точно. Западните медиуми и порано јавуваа невистини“, јави Кјодо њус, цитирајќи го Сонг. (Би-Би-Си)
|