Владејачката партија победи на парламентарните избори во Ангола
РУАНДА - Владејачката партија на претседателот на Ангола Хозе Едуардо Дос Сантос МПЛА вчера извојува убедлива победа на парламентарните избори, со речиси 82 отсто од гласовите, покажаа првичните резултати. Се очекува исходот, што го прифати опозицијата, да осигура дека оваа африканска земја, богата со нафта, ќе ги помине првите избори за 16 години без нереди, кои ги обележуваат изборите на другите места на континентот изминатата година.
МПЛА, која е на власт од стекнувањето независност од Португалија во 1975 година и прифати проделовна политика по напуштањето на марксизмот во почетокот на 90-тите години, ја порази поделената и недоволно финансирана опозиција, национално и во сите 18 провинции. Поранешната бунтовничка група Унита, а сега најголема опозициска партија, освои малку над 10 отсто гласови, јавија изборни претставници за новинарите. Унита го призна поразот, повлекувајќи го обидот да ги оспори, како што истакна, изборите со недостатоци.
Меѓународните посматрачи изразија општо задоволство од спроведувањето на изборите во петокот и во саботата, и изразија надеж дека тие ќе доведат до развој на целосна демократија по долгиот период на практично еднопартиско владеење.
Ангола е ривал со Нигерија, како најголем произведувач на нафта во Супсахарска Африка, и произведувач на дијаманти во подем на континентот. Странски фирми инвестираа повеќе милијарди во се' поголемиот нафтен сектор на Ангола, а економијата во 2007 година се зголеми за 24 отсто.
Меѓутоа, големината на победата на МПЛА може да претставува загриженост за демократските активисти и другите кои ја обвинуваат Ангола дека замижува пред корупцијата и човековите права и занемарува милиони сиромашни граѓани. Две третини од 17 милиони жители на Ангола живеат со помалку од два долара дневно. МПЛА, некогашен сојузник на Москва за време на студената војна, сега има едноставно мнозинство во 220-члениот парламент и водеше силна кампања за двотретинско мнозинство, ниво што би и' овозможило да го смени Уставот. (Ројтерс)
|