ТВ ФОТЕЛЈА
Топла вода
РОБЕРТ Д. КРСТЕВСКИ
Научниците од Универзитетот во Торонто утврдиле дека децата што јадат покрај вклучен телевизор внесуваат повеќе калории од потребните. Тие дури и го прецизирале вишокот калории на 228 за еден оброк. Заклучокот од истражувањето на Канаѓаните е дека гледањето телевизија го одвлекува вниманието на детето, ослабувајќи ја неговата способност за контрола на количеството храна што ја внесува во организмот. На крајот стручњациве (со или без наводници) препорачуваат децата да се држат подалеку од телевизор додека јадат или тоа да го прават со исклучена „ѓурулти кутија“.
Какво епохално откритие! Ја открија Америка. За да се дојде до вакво сознание грев е да се потроши и цент, а камоли илјадници канадски долари, притоа вознемирувајќи и малолетници. И врапчињата на гранка знаат дека откако постои телевизијата постои и феноменот на здебелување на гледачите додека се ѕверат во малиот екран. На прсти можат да се избројат тие што седнуваат пред телевизор без нешто за грицкање или за пиење, а не е за занемарување ниту бројот на оние што редовно се хранат, односно појадуваат, ручаат или вечераат, со вклучен ТВ-апарат. Што мислат експертиве од Торонто, зошто во киносалите одамна е практика да се нудат пуканки, грицки и неизбежните конзерви со газирани пијалаци?
Консумирањето храна истовремено со следењето подвижни слики доби такви размери што некои земји веќе преземаат најразлични мерки за поттикнување на населението за раздвижување. Американската шема со хамбургер од „Мекдоналдс“ и со „кока-кола“ како неизоставни „реквизити“ за пред телевизор со посредство на масовните ��едиуми изврши толку големо влијание на речиси сите меридијани, посебно врз помладата популација, што една Велика Британија ја принуди да реагира на крајно невообичаен начин. Соочени со тенденцијата за здебелување на нацијата, меѓу другото и поради експлозивната комбинација на брзата храна со телевизијата, таму формираа и Министерство за физичка активност.
Но, од друга страна, кој може да ја оспори благотворната улога на телевизијата во исхраната на децата? Може дури да се констатира дека односот е, на некој начин, каузален, бидејќи значаен дел од најмладите се залажуваат да јадат гледајќи цртан филм, на пример. Прашање е дали и колку би потклекнале на упорното настојување на родителите да им го наполнат стомакот ако не беа Том и Џери, Попај, Пинк Пантер, професорот Балтазар или поновите Покемон, Трансфомерси итн. Оттука, колку на телевизијата и да се гледа како на фактор за зголемување над нормалното на телесната тежина кај децата, праведно е барем исто толку да се вреднува и обратното. |