Брoj 2740  петок, 18 јули 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Фељтон
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Забава

МАГАЗИН

Журка под отворено небо

Најголемите летни музички фестивали во Европа - Roskilde, Tin the park, Bestival...

АЛЕКСАНДАР МИТЕВСКИ

Во ударни летни месеци Европа прославува со своите престижни музички фестивали кои ги прибираат младите луѓе од целиот свет. Егзотичноста и вонвременскиот формат на “старата дама” е вистински магнет за многубројната младина која авантуристички нурнува во патешествијата поврзани со толку посакуваните музички случувања – летните фестивали. Атмосферата која ги следи овие случувања, кампувањето, дружењето, галоните со алкохол и журката под отворено небо е задоволство кое многумина сакаат да го вкусат барем еднаш во животот, а мора да се напомене и дека фестивалите со своите примамливи листи на светски музички икони го постигнуваат крајниот ефект. Во циклонот на оваа летна музичка екстраваганца Европејците се подготвуваат да ги пречекаат и нагостат своите светски гости, а во тоа ол-инклузив мени секако дека спаѓа и хедонизмот. Во манирот на некогашниот каллив Вудсток, светската младина со следниве музички фестивали ќе ги прослави незаборавните летни денови оваа 2008.



ROSKILDE FESTIVAL, ДАНСКА



Овој фестивал е еден од најгигантските северноевропски музички и воопшто културни случувања кој датира уште од далечната 1971. Во богатата историја на овој фестивал (кој инаку се турка како непрофитна манифестација чии собрани средства секогаш одат во хуманитарни цели) поминале многу големи личности и се запишале во историјата. Оваа година тој се одржа од 3 до 6 јули, а билетите чинеа околу 200 евра – со вклучен паркинг, кампување и користење остава за багаж. Интересно е што овој фестивал предвидува и таканаречено камперско загревање кое почна некаде на 29 јуни , пред официјалниот старт на фестивалот. Посетеноста се искачи некаде околу 90 илјади луѓе, а годинава беше избегната природната појави која секогаш го следи овој фестивал – дождот. Оваа година посетителите имаа прилика да уживаат во настапите на Кемикал Брадрс, Дафи, Кингс оф Лион, Нил Јанг, Рејдиохед, Гнарлс Баркли и познатиот симфониски оркестар Тиволи.



MONTREUX JAZZ FESTIVAL, ШВАЈЦАРИЈА

Ова е дефинитивно фестивал за луѓе со малку порафиниран и попрефинет музички вкус, а токму и тие и се посетители на овој престижен и традиционален фестивал кој се одржува со години на Женевското Езеро во периодот јуни и јули. Во пребогатата историја на овој летен настан (кој првпат се одржа во 1967) мора да се споменат џез-иконите Мајлс Дејвис и Реј Чарлс, како и некои други легенди, како Дејвид Боуви и Масив Атак. Фестивалот низ годините успеа да направи совршен концепт во кој ќе има џез-музичари, но и други жанровски истапи на задоволство на публиката. Така, годинава успеа да ги спои неповторливите Квинси Џоунс, Леонард Коен, Гнарлс Барлки и НЕРД. Влезниците достигнуваат и до 189 евра, а целото случување траеше цели три недели. Од интересните личности кои настапиле на Монтре се и Сантана (во 1970), Ван Морисон (1974) и многу други.



EXIT FESTIVAL, СРБИЈА

Условно кажано „нашиот“ фестивал „Егзит“ се наоѓа на престижната мапа на летните европски фестивалски случувања и тоа можеби веќе ги има и параметрите на водечки. Овој фестивал се роди во 2000 како културолошки револт спрема политиката на режимот на Милошевиќ. Најпрвин се одвиваше во вистински драматичен сплет на околности во старинската тврдина Петроварадин во Нови Сад, а денес е еден од најголемите и по бројот на посетители, и по својата инфраструктура, и по ѕвездите кои не' честат со своето учество. Оваа година „Егзит“, како што знаете, се одржа од 10 до13 јули, а можеше да се ужива во настапите на панкерите Секс Пистолс, Пол Велер, Ману Чао, Хајвс. Влезниците чинеа околу 72 евра, во кои е пресметано и четиридневно кампување.



BENICАSSIM INTERNATIONAL FESTIVAL, ШПАНИЈА

Овој престижен европски фестивал традиционално се одржува на шпанската Коста се Азахар или Портокаловиот цветен брег. Benicаssim е лоциран некаде помеѓу градовите Валенсија и Барселона и во форматот на двонеделно лудило егзистира од 1995. Оваа година неговите ударни концертни денови ќе ги има меѓу 17 и 20 јули, а концептот годинава е базиран на инди-рок, поп и доста електроника. Оваа година тој ќе помине со ѕвездите Гнарлс Баркли, Леонард Коен, Мика, Морисеј, Бејби Шемблс. Интересно е што бината е само неколку чекори од морето и фестивалската карта-пас, која трае 9 дена, дава можност за кампување на плажата, како и посета на повеќе културни случувања: театар, кино и други инсталации. Задоволството за четири дневните концерти и 9- неделното кампување чини околу 170 евра.



T IN THE PARK, ШКОТСКА

Најголемата шкотска забава во парк е токму оваа каде што во предвидените три дена годинава, од 11до 13 јули се собраа музичките првоборци: Рејџ агенст д машин, Верв, РЕМ, на главниот стејџ , како и Кемикал Брадрс, Кајзер Чивс и Продиџи на другите бини. Овој музички фестивал се одржува во Шкотска уште од 1994 и е наречен по својот главен спонзор - Тенентс. Тој започна да се одржува најпрвин во друг парк и траеше само два дена, но поради големата посетеност и популарност, тој се премести на друга локација и го зголеми времетраењето. Тој се одржува на 7 главни стејџа, а наоколу има огромна гигантска површина за кампување каде што посетителите отседнуваат тие денови. Оваа година тие го отворија кампот еден ден претходно со цел да се избегне ланскиот метеж што се создаде кога цела раја преполни првиот ден од одржувањето.



OXEGEN FESTIVAL, ИРСКА

Во идентични денови се одржува и познатиот ирски фестивал Oxegen (11-13 јули) во Панчестаун кај Даблин. Оваа година посетителите имаа прилика да ги видат импозантна листа на ѕвезди од типот на бендовите РЕМ, Верв, Каунтинг Краус, Кајзер Чивс, Грув Армада, Ејми Вајнхаус и други. Оваа година присутните 100 илјади посетители имаа можност да се разладуваат со бесплатни тушеви , а првпат тој се одржа во времетраење од три дена.



PUKKELPOP, БЕЛГИЈА

Пукелпоп е најголемиот фестивал во Белгија под отворено небо и секоја година прифаќа по околу 135 илјади посетители. Оваа година тој ќе се оддржи од 14-16 август во Хезелт-Кјуит, а очекувано е да настапат ѕвезди како Металика и Килерси.Влезниците се по цена од 100 евра во кое е вклучено кампување за три дена и автобуски или железнички транспорт.



SZIGET FESTIVAL , УНГАРИЈА

Најдобриот унгарски фестивалски бренд е летниот „Сзигет“ кој се одржува традиционално на островот Обудаи на Дунав во периодот меѓу 12 и 18 август. Фестивалот се очекува да има 5 стејџа и ќе ги пречека бендовите како Ајрон Мејден, Килерс, Кајзер Чивс и други. На овој фестивал обично доаѓаат околу 50 илјади посетители, а влезниците се по цена од околу 120 евра. Наместо 7+1 дена, како што беше случај досега, оваа година фестивалот ќе трае 5+1 ден, а главниот концерт и ерупцијата треба да се случи со Ајрон Мејден. Фестивалот го крати своето времетраење поради околните жители кои се жалат од вревата.



Bestival, АНГЛИЈА

Англискиот Бестивал се одржува викендот на 5-7 септември во Робин Хил Кантри паркот. Тој е еден од најновите и најтазе формирани фестивали на европската концертна мапа, но за брзо време плени со својот успех и голема посетеност. Помеѓу оние работи, кои секако го привлекуваат посетителското внимание, секако се и таканаречениот бутик-кампинг, вистинскиот живописен коктел-бар во индиски стил, делот за одморање – таканаречениот Рестивал – чил аут зона, како и големата парада со откачени гардероби. Ѕвезда на Бестивал оваа година ќе биде Ејми Вајнхаус, а влезниците ќе чинат околу 130 фунти.


Статијата е прочитана 341 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Забава
Драгоцена е поддршката од партнерот
Топла вода
За Мадона резервиран цел „Сплендид“
Сателитско емитување како тренд
Откриена тајната врска меѓу Јована Јанковиќ и Жељко Јоксимовиќ