Сателитско емитување како тренд
Македонските телевизии преку сателит се достапни за сите
Добивањето концесија за сателитско емитување кај нас во изминатиот период станува мошне актуелно. Целта е да се направи избор од програмската шема и да се намени на оние што живеат надвор од државата.
На телевизиските канали може да се забележи прикажување експериментална програма на новата телевизија „Џангл“. Концептуално, моментно, телевизијата ги прикажува светските актуелни музички изданија, но се очекува по завршувањето на летната сезона, емисијата да стартува со програмска шема.
Идејата за сателитско емитување како тренд ја имаат и новоотворената телевизија К-15, која пред неколку години стартуваше со „К-15 мјузик“ на која преку сателит се емитуваше хуморот на „К-15“, како и голем број музички спотови за иселениците во Австралија. Од оваа телевизија најавуваат дека во најскоро време и телевизија К-15 ќе може да се емитува сателитски.
И националната А1 телевизија има свој сателитски канал во светот преку кој гледачите може да ги следат најновите информативни емисии, серии и филмска програма.
Националниот сервис преку Третиот канал прикажува програма за иселениците во која централно место има емисијата „Иселенички џубокс“. Колажот што им го нуди МТВ на иселениците, главно, се емисии во кои се зборува за убавините и историјата на Македонија.
Ромската телевизија БТР за Ромите-иселеници веќе неколку години емитува сателитска програма, при што главниот фокус е свртен кон контактно-забавните емисии.
Идејата за сателитските канали станува се' поактуелна кај сопствениците на телевизиите, па во скоро време нивниот број на онлајн емитувањето има тенденција да се зголеми. (И.С.) |