ЛХБ банка ќе ја оспори лицитацијата на „Изгрев“
Може ли Црквата по втор пат да остане без хотелот за кој е подготвена да плати 1,5 милион евра?
Билјана Јовановска
Продажбата на струшкиот хотел „Изгрев“ што на лицитација по втор пат го купува Црквата, поточно Скопската епархија, најверојатно веќе викендов ќе биде оспорена пред Основниот суд во Струга. Франкфуртската ЛХБ банка преку својот адвокат во Скопје се противи на заклучокот за продажба на хотелот на усно наддавање, издаден од извршителот Марјан Деребан од Струга. На лицитацијата што се одржа на 11 овој месец во канцеларијата на извршителот, како единствен заинтересиран купувач се јавил секретарот на Скопската епархија, Коста Станоевски, кој приложил и уплатница од 150.000 евра. Тоа е десет отсто од проценетиот износ на „Изгрев“, а разликата до 1,5 милион купувачот требаше да ја уплати до крајот на овој месец. Дали, Скопската епархија и Станоевски постапиле по писменото овластување на архиепископот г.г. Стефан за купување на хотелот за 1,5 милион евра не успеавме да дознаеме, бидејќи извршителот Деребан, наводно, деновиве не е во Струга. Сепак, за Црквата ова не е пречка, бидејќи во заклучокот од продажбата на „Изгрев“ потпишан од извршителот пишува: „Се задолжува купувачот Скопската православна епархија да го плати износот од 93.918.009 денари на име продажна цена во рок од 15 дена од денот на јавното наддавање“. Доколку не се запази рокот, како што деновиве ни изјави Деребан, Скопската епархија ќе остане без хотелот, а тој повторно ќе биде огласен на продажба.
Околу лицитацијата на хотелот имаше спротивставени ставови на страните кои финансиски се вклучени или засегнати од продажбата на „Изгрев“. Скопскиот адвокат Панче Нефтенов, кој ја застапува германската ЛХБ банка, смета дека лицитацијата воопшто не смеела да биде спроведена зашто во тек е истрагата во која, наводно, банката е оштетена за милиони евра.
Со согласност на црковниот врв, фирмата „Миладинови ДОО“, која заеднички ја основаа Македонската православна црква и Димитар и Ѓорѓи Миладинови од Струга, го стави хотелот во залог кај Тутунска банка за кредит од еден милион евра. Парите биле исплатени, но фирмата никогаш не ги вратила. Непосредно по ова, „Миладинови ДОО“ го ставаат „Изгрев“ уште двапати во залог - кај ЛХБ банка за 5,2 милиони евра и кај АВЕЛ ДОО од Струга за 1,5 милион евра. Пред две години, во струшкиот катастар, како што тврди Нефтенов, бил направен фалсификат на имотниот лист 641 за „Изгрев“ од кој била избришана германската банка како доверител, а на листата на доверители останале само Тутунска и АВЕЛ ДОО.
За застапникот на ЛХБ банка, МПЦ како косопственик на „Миладинови ДОО“ и должник не можела да учествува во повторното купување на хотелот „Изгрев“. Од извршителот Деребан, пак, беше појаснето дека не постои пречка, бидејќи „Македонската православна црква, а не и Скопската епархија, која според Уставот на МПЦ има својство на правно лице, е содружник на „Миладинови ДОО“.
Целиот случај „Изгрев“ забрзано се работи во Обвинителството, во МВР, Дирекцијата за спречување перење пари и во Финансиската полиција. Неофицијално, истрагата е насочена кон десетина лица, а треба да финишира до крајот на декември.
Кој стои зад даночниот број на Скопската епархија?
Дали токму Скопската епархија е вистинскиот купувач на „Изгрев“ или на повидок е нов скандал? Дилемата ја поттикнува официјалниот сајт на Управата за јавни приходи.
Во документ од купувањето на „Изгрев“ на последната лицитација издаден од струшкиот извршител Марјан Деребан се наведува и единствениот даночен број (ЕДБ) на Скопската епархија, како потврда дека таа е правно лице засебно од МПЦ. Но, кога ќе се внесе овој ЕДБ на сајтот на Управата за јавни приходи, се добива поинаков податок: зад посочениот ЕДБ. Таму, како даночен обврзник стои Архиепископскиот управен одбор на Македонската православна црква, а не Скопската епархија.
Кој е вистинскиот купувач, одговорот најдобро го знаат две лица од црковниот врв - г.г. Стефан и проф. Димитар Белчовски, одговорен за финансиското работење на МПЦ, кои се и најповикани да го обелат образот на институцијата, која поради нивниот молк остава простор за најразлични шпекулации и сомнежи. |