Неготино доби галерија на виното
НЕГОТИНО - Во манастирот „Свети Ѓорѓи“ во Неготино вчера беше отворена галерија на виното. На ова место ќе се промовираат најквалитетните вина од винарските визби на подрачјето на Неготино.
На проектот што го финансираше општината и Институтот „Отворено општество-Македонија“ интензивно се работеше шест месеци.
Во манастирскиот комплекс е адаптиран дел од просторот за да се заштити културно-историското наследство поврзано со лозарството и винарството. Целосно е уреден и ентериерот во музејскиот дел од галеријата. Изработени се сувенири со мотиви од тиквешкото поднебје. Наскоро ќе излезе и промотивен материјал што би требло да ја доближи галеријата до граѓаните и потенцијалните гости.
„Општина Неготино се смета за еколошки чисто и незагадено подрачје, со богата традиција во одгледувањето на виновата лоза и производството на вино. Археолошките наоди во непосредна близина на градот потврдуваат дека лозарството и винарството биле автентични за ова поднебје од антиката до денес“, рече градоначалникот на Општина Неготино, Ѓорѓи Ќимов, на свеченото отворање на галеријата. (А.Д.) |