Уметноста на фудбалот: најдобра и најлоша опрема

Без разлика колку беа турбулентни резултатите во почетните натпревари од Светското првенство 2010, победниците и губитниците сега повторно се појавуваат и на теренот и надвор од него во еднакво суров натпревар на дизајнери. Веднаш штом некое светско првенство ќе заврши, тогаш дизајнерите на спортски брендови, како што се „Адидас“, „Најк“, „Пума“, почнуваат да креираат нови копачки, топки, дресови, чорапи, крпи и се' друго што би било потребно за следното големо натпреварување. Инвестицијата е огромна, но, исто така, и наградите, иако и дизајнерските успеси на Светското првенство еднакво може да бидат спектакуларни. Па кои се победничките и губитничките дизајни на ова Светско првенство?
1. Копачки
Да почнеме со победникот - најдобро дизајнирани копачки. Сите произведувачи на копачки посветуваат години во истражување и огромни суми пари во обид да се осигураат дека нивните дизајни за Светското првенство ќе бидат полесни, посилни итн. од оние на конкуренцијата. Потоа тие ги презентираат резултатите во наизглед бесконечна листа од технички спецификации што прави прирачниците на НАСА за безбедност да изгледаат немарни.
Трофејот за годинашното Светско првенство за најдобри копачки го доби „Најк“, не поради тоа што неговите копачки се полесни или посилни од ривалските, на „Адидас“, туку благодарение на нивната умешна колор стратегија. „Најк“ дизајнираше четири вида копачки за овој турнир, секој за различен тип на играчи, но сите ги обои во специфични нијанси на пурпурна и портокалова, избрани за да креираат максимум контраст. Ова им помага на играчите да ја забележат позицијата на своите соиграчи и многу попрецизно да им ја додадат топката. Тоа, исто така, го подобри брендот „Најк“. „Изгледа дека сите носат ’најк‘ копачки, само бидејќи тие се толку видливи на ТВ-екраните“, вели германскиот дизајнер Константин Грчич.
2. Дрес
Повторно „Најк“. Прво, тој доби екопоени за креирањето на дресовите за СП 2010 од рециклиран полиестер. Секој дрес е направен од осум пластични шишиња собрани од депонии во Јапонија и Тајван, потоа стопени за да се произведе полиестерска преѓа. „Најк“ тврди дека со ова ќе се искористат околу 13 милиони пластични шишиња, спречувајќи да дојде до задушување на депониите, како и употреба на 30 проценти помалку енергија.
Второ, „Најк“ ја освои наградата за најдобро дизајниран дрес. Сепак, беше непријатно да се види портокалово-црниот дрес со графички шари на американскиот голман Тим Хауард, додека играчите покажаа извонредна игра на првиот натпревар меѓу САД и Англија. Но, дури и ишараните ракави имаа практична цел. Контрасните бои и форми беа дизајнирани да го привлечат вниманието на опасните напаѓачи, и потоа да ги деконцентрираат, бидејќи испрекинатата шара ја искривува силуетата на голманот. Ова прави напаѓачот, или барем така вели теоријата на „Најк“, најверојатно, да ја шутне топката поблизу до голманот. Иако „Најк“, исто така, ја освои и глупавата награда за облекување на остатокот од американскиот тим со најгрдите дресови на турнирот, тие досадно сини дресови со бела „рамка“ што направи играчите да изгледаат како идни мажоретки.
3. Лого
Сега кон друг губитник. Како лондончанец, тука се наоѓам на тенок мраз со оглед на тоа дека мојот град навестува дека ќе го креира едно од најгрозните логоа досега дизајнирани за Олимписките игри 2012 година, меѓутоа, овој губитник е официјален симбол на СП 2010.
Дизајнерот Габи де Абру од Јоханесбург од дизајнерската група „Свич“ барем се обиде да го оживее, насликувајќи ја картата на Африка во боите на јужноафриканското знаме. Но, крајниот резултат е многу несмасен.
Меѓутоа, ова лого не е толку лошо како грдото за Лондон 2012. Тоа е помало дизајнерско злосторство, само со тоа што е просечен како и неговите претходници. Дали може да се сетите на некој од нив? Секако, не. Разочарувачки, минаа 40 години од дизајнирањето на највпечатливото лого за СП - деконструирана топка со испреплетени букви од амблемот за турнирот во 1970 година во Мексико.
4. Топка
Сега за таа топка. ФИФА, организаторот на Светскиот куп, воведе нова топка за секој турнир како одговор на издавањето лиценца вредна неколку милиони долари на произведувачот, вообичаено „Адидас“. Жестоките расправии околу дизајнот на топката стана ритуал на СП, додека играчите се приспособија на неа. Најгласните негодувања стигнаа од голманите кои вообичаено се жалат дека го менува правецот, премногу се врти и лизга.
Токму тоа се сучи и во 2006 година, и повторно се случува со новата топка „џабулани“ на „Адидас“, иако критиките овој пат беа невообичаено жестоки. Тоа покажува, како што посочуваат некои експерти, дека проблемот не е во топката, туку во драматичната разлика во надморската висина меѓу јужноафриканските градови каде што се играат натпреварите.
„Се' уште не сум видел нешто што ќе покаже дека топката се однесува неконтролирано, меѓутоа, промената во надморската висина и густината на воздухот - 20 проценти меѓу Кејптаун и Јоханесбург - сепак прави разлика“, вели Стив Хаке, професор по спортски инженеринг на „Шефилд Халам“ Универзитетот во Англија. „Голема е веројатноста дека топката помалку ќе го менува правецот во Јоханесбург, и ќе лета повисоко. Нејзината позиција би можела да се промени за два дијаметри во типичен шут кон голот, што е збунувачко. Ги забележавме истите проблеми и на Светското првенство во Аргентина во 1982 година, последното кога надморската висина беше клучен фактор“.
Хаке е убеден дека играчите ќе се приспособат на влијанието на промената на надморската висина како ќе се одвива турнирот. Меѓутоа, сепак, ќе им треба повеќе време на спортските експерти и дизајнери да го надминат главниот проблем - екстремната комплексност на аеродинамиката на тркалезните предмети, вклучително и на фудбалските топки. Подгответе се за уште една бура околу дизајнот на топката за СП 2014 година.
Заклучок
Сите скептици кои се прашуваат каква врска има дизајнот со спорт треба да го разгледаат следното. На кое Светско првенство имаше најдобар дизајн? Во Мексико 1970 година, не само поради логото туку и топката „Телстар“, која оттогаш стана задолжителен дизајн за фудбалските топки. И кое Светско првенство не' почести со најдобар фудбал? Мексико, исто така.
(Интернешенел хералд трибјун“) |