Која е и што работи жената на шпанската клупа?
Силвија Доршнерова Ваис е официјална делегатка на шпанскиот тим, играчите ја третираат како мајка, ја сакаат и ја почитуваат поради нејзиниот карактер и хуман третман
Милиони гледачи покрај малите екрани, илјадници на стадионите, ја забележаа и се прашуваат која е и што работи? - Во сите измени во шпанската фудбалска репрезентација таа стои на маргините на теренот, во разговор со четвртиот судија. Се вика Силвија Доршнерова Ваис, официјален делегат на фудбалската селекција на Шпанија.
Фудбалерите на Дел Боске ја третираат како мајка. Најмногу ја сакаат и почитуваат поради нејзиниот карактер и хуманиот третман кон сите. Доршнерова, впрочем, е многу мирна и повлечена личност. Не сака интервјуа и ако и' се доближат новинари и ја замолат за изјава, како што беше случај со колегите од Би-Би-Си овие денови, таа само бега од микрофонот.
Родена е во Германија, од татко Германец и мајка Чехинка, а во Шпанија се сели во пубертетски години. Во 1982 година ја напушта работата како стјуардеса и започнува да работи како преведувачка за Шпанската фудбалска федерација со оглед на тоа дека, покрај шпанскиот, одлично говори германски, англиски, француски и чешки јазик.
Кога се пензионира легендарниот делегат на шпанската репрезентација, Хулијан дел Амо, на Доршнерова веднаш и' беше понудено неговото место. Беше на првенството во 2002 година во Јапонија и Јужна Кореја кога селектор беше Камачо, а со националниот тим патуваше и на мундијалите во 1994 година во САД и во 1998 година во Франција како секретарка во репрезентацијата.
Сите се воодушевени од неа, важи за одлична организаторка и сета комуникација меѓу шпанскиот тим со УЕФА и сега со ФИФА се одвива преку неа. Но, Доршнерова не е единствена жена во „фуријата“. Со неа е и Палома Анторанц од одделението за односи со јавност (обете лани беа во Скопје при гостувањето на европскиот шампион во пријателски меч со Македонија (2:3) по повод прославата 100 година фудбал во Македонија), меѓутоа прегратките на Силвија, кога играчите се враќаат на клупа или во соблекувална, не може никој да ги замени.
Свесна е за машкото опкружување, но таа вели дека се чувствува опуштено и комотно и дека многу ја сака работата. И секако - важи за совршен познавач на фудбалот. |