Вебер победник на новиот Силверстоун
Возачот на Ред бул им ја расипа забавата на Британците на обновената патека, каде што Хамилтон го освои второто место
Мотивираниот Марк Вебер му донесе триумф на Ред бул во трката за Големата награда на Велика Британија во Формула 1 откако со фантастичниот старт ги замени позициите со тимскиот колега Себастијан Фетел, кој ја имаше пол-позицијата. Победата измами насмевка на лицето на Австралиецот откако мораше да му го даде предното крило од својот болид на Германецот во саботните квалификации, што предизвика контроверзија, кои, пак, го натоварија Ред бул со обвинувања за фаворизирање. Вебер, кој во саботата имаше камено лице, им допушти на своите чувства да излезат на виделина кога ја помина целната линија, порачувајќи му на тимот преку радиоврските: „Фантастично. Не е лошо за возач број два“.
„Добро одработено, Марк. Сега можеш да се насмевнеш“, му врати тимскиот шеф Кристијан Хорнер.
Фетел, кој стартуваше од најдобрата позиција, но веднаш по првиот круг падна назад во колоната, се врати во игра и на крајот го освои седмото место. Британецот Луис Хамилтон, пак, ги разгали срцата на 120-илјадната публика во Силверстоун со борбеноста и со освоеното второ место за Мекларен, со заостанување од само 1,3 секунди зад Вебер. Тоа му ја зголеми предноста на 12 поени во однос на тимскиот колега Џенсон Батон на девет трки до крајот на сезоната.
Светскиот шампион Батон, кој стартуваше од 14. место откако го опиша својот болид како „неуправлив“ во саботата, си го расчисти патот низ метежот и стигна до четвртата позиција во сончевото попладне на реконструираната патека. И покрај одличното возење во дадените околности, Батон остана без подиум во домашното гран-при и во својата 11. сезона во низа.
„Тој резултат е извонреден а Мекларен. За Батон е брилијантно од 14. место да дотурка до четвртото“, забележа по трката коментаторот на Би-Би-Си и поранешен Ф1-возач Мартин Брандл.
Целата приказна во трката ја раскажа стартот, на кој двајцата возачи на Ред бул беа еден покрај друг на двете први позиции. Вебер не отстапи и го принуди Фетел да излезе од патеката и со тоа да избегне колизија како во Турција, која тогаш ги уништи надежите на Ред бул за еден-два победа. Фетел мораше да ги посети механичарите веќе на крајот од првиот круг поради дупната задна десна гума по блиската средба со „мекларенот“ на Хамилтон. Сепак, 23-годишниот Германец, кој минатата година победи во Велика Британија од пол-позицијата, има причини да ја задржи главата крената откако приреди возбудлив кам-бек, вклучувајќи го и престигнувањето на сонародникот седумкратен шампион Михаел Шумахер.
Пласман на ГН на В. Британија
1. Марк Вебер (Австралија) Ред бул 1:24:38,200 ч.
2. Луис Хамилтон (Велика Британија) Мекларен +1,360 сек.
3. Нико Розберг (Германија) Мерцедес +21,307 сек.
4. Џенсон Батон (Велика Британија) Мекларен +21,986 сек.
5. Рубенс Барикело (Бразил) Вилијамс +31,456 сек.
6. Камуи Кобајаши (Јапонија) Заубер +32,171 сек.
7. Себастијан Фетел (Германија) Ред бул +36,734 сек.
8. Адријан Зутил (Германија) Форс Индија +40,932 сек.
9. Михаел Шумахер (Германија) Мерцедес +41,599 сек.
10. Нико Хулкенберг (Германија) Вилијамс +42,012 сек.
Пласман на останатите: 11. Лиуци (Италија/Форс Индија), 12. Буеми (Швајцарија/Торо росо), 13. Петров (Русија/Рено), 14. Алонсо (Шпанија/Ферари), 15. Маса (Бразил/Ферари), 16. Трули (Италија/Лотус), 17. Ковалаинен (Финска/Лотус), 18. Глок (Германија/Вирџин), 19. Чандхок (Индија/Хиспанија) и 20. Јамамото (Јапонија/Хиспанија). Се откажаа: Алгерсуари (Шпанија/Торо росо), Де ла Роса (Шпанија/Заубер), Кубица (Полска/Рено) и Ди Граси (Бразил/Вирџин).
Вкупен поредок, возачи: Хамилтон 145, Батон 133, Вебер 128, Фетел 121, Алонсо 98, Розберг 90, Кубица 83, Маса 67, Шумахер 36, Зутил 35, Барикело 29, Кобајаши 15, Лиуци 12, Буеми 7, Петров 6, Алгерсуари 3 и Хулкенберг 2. Конструктори: Мекларен 278, Ред бул 249, Ферари 165, Мерцедес 126, Рено 89, Форс Индија 47, Вилијамс 31, Заубер 15 и Торо росо 10. |