Свеската на Тони Блер премина во ислам
Таа изрази надеж дека Блер ќе го измени погледот кон исламот
Лондон - Свеската на поранешниот британски премиер Тони Блер, телевизиската новинарка Лорен Бут, премина во ислам откако во текот на неодамнешната посета на Иран доживеала „просветлување“, пишува весникот „Дејли мејл“.
Свеската на Блер пред шест недели одлучи да стане муслиманка по посетата на храмот Фатима ал-Масумех, во градот Ком.
„Го почувствував здивот на духовниот морфиум, совршеното блаженство и среќа“, рече таа.
Сега Лорен, полусестра на сопругата на Блер, Чери, секогаш кога излегува од домот ја покрива главата со шамија, се моли пет пати на ден и редовно ја посетува својата локална џамија. „Веќе не јадам свинско месо и секој ден го читам Коранот. Дојдов до 60-тата страница. Алкохол немам пробано 45 дена, што е најдолг период во последните 25 години“, додаде таа, истакнувајќи дека претходно редовно пиела од една до две чаши вино дневно.
Бут (43), која работи за Прес ТВ, каналот што емитува вести од Иран на англиски јазик, не ја отфрла можноста еден ден да стави бурка на себе. Во отвореното писмо до Блер што го напиша за време на својот престој во Иран, таа изрази надеж дека поранешниот премиер ќе ги промени своите ставови за муслиманите како „лоши“ луѓе. (МИА) |