Марихуаната легална во Германија?
Лекарите ќе им припишуваат лекови што содржат канабис на тешко болните
БЕРЛИН - Прашањето за легализација на марихуаната во Германија и натаму е тема за политичарите. Постигнат е договор лекарите во Германија, без посебна дозвола, на тешко болните пациенти да можат да им препишуваат лекови што содржат канабис. Неодамнешното барање на левицата за легализација на марихуаната во Германија предизвика бурна реакција. Треба да се напомне дека такво барање, иако поинаку формулирано, постои веќе десетина години во програмата на Зелените. Во редовите на социјалдемократите (СПД) уште во средината на 90-тите години, подоцна неуморниот министер за внатрешни работи, Ото Шили, бараше да не се казнува употребата на марихуана за лични потреби.
Значи, веќе одамна се бара угледување на примерите на Холандија и на Чешка и да се воведе декриминализација на уживањето на марихуаната за околу два милиона Германци. Шефот на левицата на Бундестагот, Грегор Визи, вели: „Тоа е таканаречена лесна дрога што значи дека не е ниту подобра ниту полоша од алкохолот, а само затоа што станува збор за друга култура ние спрема неа се однесуваме поинаку отколку кон алкохолот. Неопходна е заштита за младите и за децата, а за возрасните е потребно да се овозможи слободна трговија“.
Користењето марихуана во Германија не е забрането, освен кога станува збор за одгледување, поседување и продажба. Германскиот Уставен суд пропишува дека не треба да се казнуваат лицата кај кои ќе се пронајде помала количина марихуана освен во случај ако тоа лице е уапсено во круг на училиште или на некој друг начин го загрозув�� јавниот ред. Меѓутоа, германските покраини никако не може да се договорат што значи „мала количина марихуана“. Во Берлин тоа се однесува на 15 грама, а во Минхен на шест грама. „Јас сум за декриминализација“, вели Грегор Гизи, бидејќи кривичното гонење никаде нема да не' одведе. Освен тоа, забележав дека криминалот се зголемува. Младите не го прифаќаат фактот дека тоа не е дозволено, бидејќи имаат поинакво искуство“.
Истражувањата покажуваат дека незабележително мнозинство се за полиберален пристап кон консумирањето хашиш, а само една четвртина од граѓаните сметаат дека треба да се дозволи одгледување и консумација (за приватни цели), како и за државно регулиран пазар.
Експертот за дрога во СПД, Ангелика Граф, смета дека легализацијата би претставувала лош сигнал. Таа го свртува вниманието кон тешката борба против легалната дрога, алкохол и тутунот. „Не верувам дека би било добро ако на една страна се обидуваме да ги сузбиеме легализираните дроги, а на друга страна да легализираме нови дроги“, вели Ангелика Граф.
Никој не верува дека сегашната црно-жолта коалиција ќе ја одобри легализацијата на марихуаната. Сепак, постигнат е договор лекарите во Германија, без издавање посебни дозволи, на тешко болните пациенти да може да им препишуваат лекови што содржат марихуана. (Дојче веле) |